Градежните екипи од денеска почнаа со санацијата на свлечиштето на регионалниот пат Пробиштип-Штип во близина на населеното мест Неокази. Ова свлечиште се санира со пари од ЕУ, а проектот го имплементира УНДП.
Градоначалникот на општина Пробиштип Тони Тоневски, кој денеска заедно со претставници од УНДП беше на лице место, истакна дека градежните работи на компанијата „Гранит“ ќе се одвиваат во наредните осум месеци. Целокупната инвестиција чини 14,5 милиони денари.
– Свлечиштето ќе биде изградено по најсовремени стандарди, ќе се постави потпорен ѕид со анкери и шипови, ќе се направи целосно одводнување на ова свлечиште, со што трајно ќе се спречи понтамошно оштетување, односно трајно ќе се реши прблемот, рече Тоневски.
Европската унија за санација на патната инфраструктура од поплавите кои ја зафатија Македонија пред две години ќе вложи 10 милиони евра. Со овие средства на 10 локации ќе се санираат свлечишта и ќе се направи реконструкција и изградба на нови мостови. Во источна Македонија ќе се санираат и акумулации, а една од најголемите инвестиции ќе биде изградба на нов мост на реката Брегалница во општина Зрновци, каде стариот мост ќе се урне и ќе се гради нов. Оваа инвестиција ќе чини помалку од два милиона евра.