Почнаа градежните работи за реконструкција на Ургентниот центар при Универзитетската клиника за детски болести, кој денеска го посети сопругата на претседателот на Република Македонија Маја Иванова.
Таа изјави дека националната кампања под мотото „Ајде да помогнеме навреме“ за собирање средства за реконструкција и адаптација на простор на Клиниката, која почна во април, заврши многу успешно и собрани се 250.000 евра, односно пет пати повеќе од предвиденото.
На ова место пред нешто помалку од шест месеци, посочи Иванова, си поставивме за цел да ги собереме основните 50.000 евра кои ќе бидат неопходни за реконструкција и оспособување на дел од просториите од Клиниката за детски болести наменети за Детски ургентен центар.
– Поведена од таа општествена одговорност, поведена од инстинктот на мајка, а пред се од огромната поддршка која ја добив од мојот сопруг, кој ми рече „ти тоа го можеш затоа што се работи за иднината на нашите деца“, ја прифатив поканата на визионерот за изградба на еден ваков Ургентен центар, директорката на Клиниката Аспазија Софијанова, да бидам главен покровител на една ваква хумана, благородна мисија затоа што нема ништо повредно од животот на нашите деца, рече Иванова.
Таа му изрази благодарност на главниот донатор на средствата кои не се само за реконструкција на неколку простории од Клиниката, туку и за реконструкција на целиот кат, а тоа е Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) која донираше над 200.000 евра, што, како што истакна, вклучува не само градежни работи, туку и набавување соодветна медицинска опрема и апаратура, мебел и останати работи за нормално функционирање на Ургентниот центар.
Им се заблагодари на граѓаните на Република Македонија кои преку преку телефонскиот број 14321 донираа симболични 100 денари, при што се собрани околу 10.000 евра, како и на медиумите преку кои кампањата допре до граѓаните.
– Кога се работи за децата тука нема никакви дилеми, лимити, тука нема ништо затоа што децата се тие што навистина обединија без разлика на верска, национална, полова или религиозна припадност, додаде Иванова.
Директорката Софијанова рече дека направиле простор во зградата каде ќе биде т.н.општа амбуланта или тријажа која ќе работи 24 часа седум дена во неделата, која ќе ги згрижува децата прелиминарно.
– Просторот адекватно е пренесен во амбулантата и е означено каде ќе биде тоа. Секој спрат по соодветната патологија отвори дополнителна соба каде ќе одат амбулантските прегледи со „Мој термин“ кои ќе бидат закажани за следниот период од 45 дена до два месеца, во кој на секое одделение нашите лекари ќе ги прегледуваат децата. Хоспиталниот дел ќе си функционира нормално. Оваа реконструкција ќе трае и ќе биде за многу подобро по следните два месеца, додаде Софијанова.
Доктор Махмут Чевик, програмски координатор на ТИКА-Скопје, рече дека продолжува добрата соработка меѓу Македонија и Турција.
– Започнуваме со проектот вклучувајќи го ургентниот и амбулантниот дел, а тоа изнесува околу 400 метри квадратни. Проектот најпрвин изнесуваше околу 50.000 евра, а ние ја зголемивме сумата за да се опфатат сите делови. Средствата за целата реконструкција се зголемени за околу четири ипол пати, односно буџетот сега изнесува над 200.000 евра, истакна Чевик.
Тој посочи дека во Ургентниот дел ќе се одвиваат градежни работи, термо и инсталации, ќе има вкупно шест болнички кревети, ќе има дел за медицински гасови, подвижни апарати…Градежните работи ќе се одвиваат и во амбулантниот дел.
– Ќе се додадат 17 работни маси, приемен пулт, делови, метални ормани каде ќе стојат лековите, маса за преглед на бебиња, маса за повивање и тријажа на бебиња, бебешка када, кревет за преглед, параван, завеса, болнички кревет. Наредните генерации со голема благодарност ќе Ве споменуваат Вас госпоѓа Маја Иванова. Нема да се заборават работите кои ги правите за оваа држава. Се надевам дека овој проект кој денеска го почнуваме ќе биде многу значаен за децата во Македонија, додаде Чевик.