Почна процедурата за преземање на првите 45 специјалисти од јавно во приватно здравство

Од:

Министерството за здравство почна процедура за преземање 45 доктори-специјалисти од приватно во јавно здравство кои се јавија на првиот оглас на Министерството од вкупно пријавените 103 лекари-специјалисти.

Постапката за нивно преземање за поголем број од нив е завршена, обезбедени се согласности и потпишани се договорите. Тие почнуваат со работа од 1. август.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека станува збор за првата група доктори-специјалисти кои ќе бидат преземени од приватни во јавни здравствени установи.

Од понеделник, како што најави Тодоров, Министерството за здравство ќе објави уште еден оглас, втор по ред, за преземање доктори специјалисти од приватно во јавното здравство. Огласот ќе трае 30 дена.

– Ова е нова мерка која ја предвидовме со последните измени на Законот за здравствена заштита со која овозможивме доктори кои работат во приватно здравство да бидат преземени во јавното здравство. Како резултат на ова објавивме оглас на кој се пријавија 103 доктори специјалисти кои изразија подготвеност да се префрлат од приватно во јавното здравство. Бенефитот од оваа мерка за преземање е тоа што се вработува готов кадар, специјалисти кои имаат искуство и знаење и веднаш може да се вклучат во редовната работа на здравствените установи каде што се преземаат, посочи Тодоров.

Подолг период во Македонија, нагласи министерот, се чувствуваше недостигот на кадар, на лекари и специјалисти пред се, имајќи го предвид тоа што во последниот период од повеќе години имаше тотално дезинвестирање во човечкиот потенцијал и целосно беше замрено или запоставено вработувањето на новите лекари.

– Добар дел беа отидени во пензија, добар дел преминаа од јавно во приватно здравство и многу беше тешко да се обезбеди континуирано функционирање на јавните здравствени установи. Ова сега првпат е спротивен процес во кој од приватно здравство доктори специјалисти се враќаат во јавното здравство, рече Тодоров.

Со тоа, како што истакна, ќе се овозможи и воведување двосменско работење на специјалистичките служби и можност за обезбедување на 24-часовна здравствена заштита, земајќи предвид дека со постојниот начин на упатување поголем дел од пациентите се упатуваат на секундарно ниво и главниот товар го носат специјалистите од Здравствениот дом во Скопје и Градската општа болница „8 Септември“, како и од општите и специјалните болници.

Тодоров укажа дека поголем дел од овие доктори специјалисти веќе работеле во јавното здравство, од него преминале во приватното здравство, а сега пројавуваат интерес да се вратат во јавното здравство.

– Еден од пријавените кандидати е професор невролог со повеќегодишно искуство кој претходно работел на Клиниката за неврологија и кој веднаш може да се вклучи во работата со пациенти како и во едукација на младите кадри во оваа ЈЗУ. Интерес да работи во јавното здравство покажа и доктор радиодијагностичар со 28-годишно работно искуство кој го градел не само Македонија, туку и во странство. Меѓу пријавените има и хирурзи и интернисти кои својата специјализација ја имаат стекнато во еминентни центри во регионот и во странство. Станува збор за доктори со повеќегодишно искуство кои можат соодветно да одговорат на потребите на секундарното здравство, рече Тодоров.

Поконкретно во рамки на првата група се влезени 10 интернисти, осум радиолози, пет педијатри, пет оториноларинголози, тројца хирурзи, тројца офталмолози, тројца невропсихијатри, тројца невролози, еден специјалист по медицинска биохемија, двајца специјалисти по физикална медицина, еден дерматовенеролог и еден специјалист по медицина на труд.

Најголем број од нив се распределени во Здравствен дом-Скопје – 13 специјалисти и тоа пет интернисти, торјца доктори за уво, нос и грло, двајца педијатри и по еден невропсихијатар, радиолог и офталмолог, како и во Градската општа болница „8 Септември“, каде се прераспределени 11 специјалисти, и тоа: пет специјалисти по радиодијагностика, двајца оториноларинголози и по еден интернист, офталмолог, невролог и специјалист по трудова медицина.

Останатите специјалисти се распределени во повеќе ЈЗУ, како што се: клиниката за неврологија, гинекологија-Чаир, Институт за јавно здравје, Завод за физикална медицина, Геронтолошки завод, Клиничка болница Битола, во општите болница Гостивар, Кочани, Струмица, Гевгелија, Прилеп, Кавадарци, како и во здравствените домови во Делчево, Виница, Вевчани и Здравствена станица-Железара.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа што ги привлекува докторите од приватно здравство да работат во јавното здравство, министерот Тодоров укажа на  условите и околностите кои ги креирале во последниот период како што се нова и најсовремена медицинска опрема, реконструкција на поголем број јавни здравствени установи, обуки и едукации во странство.

Директорката на Здравствен дом-Скопје, Тања Баевска Вучковиќ рече дека станува збор за активност која првпат се бележи во здравствениот систем.

Здравствениот дом-Скопје како најголема јавна здравствена установа, посочи таа, 24 часа пружа континуирана, квалитетна здравствена заштита на територијата на град Скопје и околината.

– За реализација на оваа континуирана здравствена заштита потребни се просторни, временски и кадровски ресурси. Во изминатите две години се соочувавме со кадровскиот дефицит. На разбирање на министерот минатата година имавме вработување на 23 доктори на медицина кои направија значајно освежување во службите на примарна и на итна медицинска помош. Остана недоволно покриена службата за специјалистичка секундарна здравствена заштита со тоа што дел од службите работеа само во прва смена, а некои кабинети беа затворени поради заминување во пензија на колегите, потенцира Баевска Вучковиќ.

Додаде дека со ова ќе се воведе двосменско работење на сите кабинети каде се работело во една смена, а исто така и ќе се отворат кабинети кои се затвориле поради заминување во пензија на колегите.

– Ќе се воведе втора смена на Поликлиника Ѓорче Петров и повторно ќе се отвори Кабинетот за уво, нос и грло. Новоотворените кабинети по интерна медицина во Драчево и во Ченто исто така ќе работат двосменски, рече Баевска Вучковиќ.

Би можело да ве интересира

Времено отстранети двајца доктори од Детска клиника, за кои се води дисциплинска постапка за смртта на 14-месечното бебе

Предраг Петровиќ

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство