Почна лизгањето на земјиштето на Водно околу новото градилиште за четирикатница на улицата Партениј Зографски за кое соседите пред дваесетина дена, преку протест, предупредија дека може да ги проголта трите околни куќи. Длабоката градежна јама, попуштила на спротивната страна од куќите и се заканува да ја поткопа улицата, која пак им е единствен пристап до дома на десетина куќи. Земјата се изронила вчера со силен тресок.
Пред дваесетина дена за можноста да се лизне земјиштето, на протестот организиран од соседите, предупреди архитектот Атанас Бошков. Тој алармираше дека градежната јама е небезбедна и јавно побара веднаш да се преземат мерки за околните куќи да не завршат во дупката за новиот објект.
„Уште во дозволата требало да биде предвидено прво да се направат шипови, заштита, па потоа да се копа јама. Во оваа дупка, при најмал земјотрес или еве дожд, денес врне, може да пропадна околните згради“, предупреди архитектот Бошков, минатиот месец кога почнаа есенските дождови.
Градежната инспекција на Општина Центар не се огласи по барањата на жителите, копањето продолжи, а сега веќе дел од градежната јама е бетониран, а земјата е урната врз бетонот.
Жителите од соседните куќи против оваа градба реагираат уште од мај, кога почна сечата на дрвјата кои беа на парцелата за која Маја Сотировска и Жарко Будимовски тврдат дека им била доделена на користење на нивните родители, но соседите, кои сега се инвеститори, успеале да ја приватизираат со лажна изјава дека биле нејзини корисници. Инвеститори, според истакнатите податоци на градилиштето, се сопствениците на земјиштето Гоце Лазаревски, Кети Јаневска, Јулија Тодоровска – Ајковска и Јаница Петровска. Нивен претставник во мај за „А1он“ изјави дека ги имаат сите потребни документи кои се лесно проверливи во институциите, а обвинувањата од соседите ги нарече неосновани и неточни.
Соседите поднесоа неколку тужби и кривични пријави за овој случај, а за утре најавија прес – конференција.