На 31 октомври годинава почина академик Томе Бошевски, информира Македонската академија на науките и уметностите.
Заедничката комеморативната седница на МАНУ и Факултетот за електротехника и информациски технологии ќе се одржи во Академијата на 5 октомври во 10 часот, а погребот ќе се изврши на Градските гробишта „Бутел“ во 12:30 часот. Погребните останки ќе бидат изложени во капела од 11:30 до 12:30 часот.
Академик Бошевски е роден на 8 октомври 1937 година во Битола, каде завршил гимназија. Дипломирал на отсекот за техничка физика на Електро-техничкиот факултет во Белград во 1961 година. Постдипломските студии ги завршил во 1965 година на Природно-математичкиот факултет во Белград, а докторската дисертација ја одбранил на Електро-техничкиот факултет во Белград во 1972 година.
Од дипломирањето до 1974 година работел во Институтот „Борис Кидрич“ во Винча. Во 1974 година е избран за вонреден, а во 1979 година за редовен професор на Електро-техничкиот факултет во Скопје, а три мандати бил и декан на Факултетот.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 1988 година, а за редовен член во 1994 година.
Неговата истражувачка дејност опфаќа повеќе области на електротехниката: развој и усовршување на методите за експериментално определување на нуклеарните перформанси на тешководните реакторски решетки и проучување на неутронскиот флукс во клетката на нуклеарниот реактор; развој и усовршување на методите за пресметка на физичките параметри на тешководните реактори со уранско гориво, рециклација на плутониумот, прегрејување на пареата во BHWR–реакторите, израмнување на неутронскиот флукс во активната зона на PHWR –реакторите и др.
Значаен е и неговиот придонес во решавањето на актуелните проблеми на енергетиката во Република Македонија, како што се: топлинското оптоварување на животната средина од постојни и предвидени извори на електрична енергија (како и квантификацијата на други штетни влијанија што произлегуваат од работата на тие извори), избор на локации за големи електро-енергетски извори, долгорочно и краткорочно планирање на работата на централите во електро-енергетскиот систем и др.
Академик Бошевски има објавено поголем број научни трудови и остварил учество на повеќе домашни и меѓународни конгреси и симпозиуми.