Скопското обвинителство отвори истрага и побара притвор за 22-годишната А. Ѓ. против која беше поднесена кривична пријава во врска со убиството на Пинета Секондо.
Од Обвинителството информираат дека против осомничената е отворена истрага за кривично дело убиство затоа што таа знаела дека првоосомничениот има намера да го убие Секондо, како и затоа што му помогнала на првоосомничениот да го пренесат и да го сокријат телото на убиениот во село Љуботен.
„Вечерта на 11 декември 2018 година, осомничената 22-годишна жителка на Скопје го повикала сега починатиот да се најдат кај насипот во Ѓорче Петров, иако знаела дека ќе им се придружи и првоосомничениот со намера да го лиши од живот оштетениот. Кога пристигнал прво осомничениот и со огнено оружје – пушка се заканил кон жртвата, сите тројца се упатиле со патничкото моторно возило кон атар во скопското село Арачиново. Откако пристигнале осомничените започнале вербална расправија со жртвата, по што првоосомничениот го застрелал оштетениот и го лишил од живот“, соопштија од Обвинителството.
Од таму додаваат дека осомничената дала придонес кон вршење на кривичното дело со тоа што го повикала Пино, била присутна во моментот на неговото убиство и учествувала во пренесување и криење на неговото тело во близина на село Љуботен.
Поради опасност од бегство и основан страв дека осомничената ќе ја попречува кривичната постапка со влијание на сведоци, Обвинителството до Судот ќе достави предлог за определување на мерката притвор против осомничената.
Пред три дена, Обвинителството соопшти дека за убистовот на Пино е отворена истрага против 27-годишниот скопјанец Ф.А. кој е во бегство.