Побаран притвор за Мијалков во „Трезор“, бидејќи за две недели ќе биде пуштен од „Шутка“

Од:

Бидејќи притворот на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков кој му е одреден во предметот „Таргет-Тврдина“ истекува за две недели, а според Обвинителството постои можност да избега, обвинителот Трајче Пеливанов побара да му се одреди притвор во предметот „Трезор“ каде денеска е осуден на осум години затвор. Притвор е побаран и за поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ, кој досега имаше мерка на претпазливост – одземање на патна исправа.

„Околноста дека Сашо Мијалков е моќен човек, несомнено се јавува потребата од определување на мерка за обезбедување на негово присуство, а со оглед на тоа што спрема овој обвинет во ‘Таргет-Тврдина’ има мерка ефективен притвор, која мерка може да трае до правосилноста на оваа пресуда односно најдоцна до 27 април, предлагаме по објавувањето на денешната пресуда спрема обвинетиот Сашо Мијалков, а поради постоење на опасност од бегство, да се определи мерка притвор во овој предмет, а притворот во предметот ‘Таргет-Тврдина’ да биде укината. Причините за ваквиот предлог на Обвинителството е делумно идентичен како што се произнесовме во другиот предмет, а тоа е дека се потврдени податоците дека Сашо Мијалков има дозвола за престој и адреса во Прага, но и дека поседува две возила кои се регистрирани на негово име. По однос на овој наш предлог, би сакал накратко да дополнам дека судот треба да го цени и фактот кој и претходно беше изнесен дека обвинетиот Сашо Мијалков е лице кое е добро ситуирано, дека тој и неговите членови на семејството поседуваат приватни бизниси, што создава финансиска можност за организирање на логистика и комотно живеење во бегство“, рече Трајче Пеливанов.

Според адвокатите на Мијалков, барањето за ефективен притвор за предметот „Трезор“ е без поткрепа и докази. Тие тврдат дека бизнисите кои Мијалков ги има во земјава се причина за тој да остане во државава, а не да бега.

„Пред Апелација овој предмет ќе заврши со ослободителна пресуда, убедни во сопственото знаење и недокажување на она што беше од судот образложено, со фрагментирање на делови кои не се предмет на обвинение, со што сметам дека јавноста е доведена во заблуда, се поставува логично прашање кој ќе ја сноси одговорноста кога се предлага притвор, а кога за овој предмет одбраната е цврсто убедена дека нема ниту еден релевантен доказ кој оди во прилог на обвинението. Одбраната смета и тврди дека тезата на обвинителството е погрешна и оди во прилог на тврдењето дека Мијалков кој има повеќе бизниси во државата нема да се даде во бегство, туку тоа е причина повеќе да остане во државата“, рече адвокатот Љупчо Шврговски.

Предлог за притвор, обвинителот Пеливанов даде и за поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ.

„Имајќи ја превид казната затвор од пет години, цениме дека определените мерки на претпазливост односно одземањето на патната исправа, сметаме дека не е доволна за обезбедување на присуство. Од тие причини постои реална опасност од бегство и за овој обвинет, имајќи ја во предвид казната затвор, поради тоа предлагаме мерка притвор“, рече Пеливанов.

Бранителот Александар Новаковски кој го застапува поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ, смета дека не треба да му се одреди притвор на лицето.

„Обвинителството не наведе доказ и причина, а предложи притвор. Се работи за обвинетиот кој се води само оваа постапка. Судот има точна евиденција дека не е осудуван ниту за сообраќаен прекршок и не гледам ниту една причина за да се предложи ваква мерка, за која сум изненаден. Судскиот совет ако го прифати овој предлог, грубо ќе се прекрши законот. Се работи за фамилијарен човек, татко на две деца“, рече адвокатот Александар Новаковски.

Обвинетите Горан Грујевски и Тони Јакимовски веќе имаат мерка притвор.

Би можело да ве интересира

Браќата Мијалкови добија орден од МПЦ

Мијалков утрово го напушти струшкиот затвор, бил примерен затвореник

Јанакиески излегува во јуни, за Мијалков ќе одлучува Кривичен

Шврговски: Судот донесе законита и правична одлука за „Трезор“

Горан Наумовски

Ослободителна пресуда за Мијалков и Јакимовски за „Трезор“

Анита Петровска Рајковиќ

Во Кривичен пресуда за Трезор