По 30 дена затворски притвор добија тројцата осомничени Артана Асани, Леон Уредини и Вадедин Дервиши од Гостивар, кои се на високи раководни функции во комуналното претпријатие во Гостивар.
Оваа мерка им ја определи судијата на претходна постапка во Основниот суд во Гостивар, Ќирко Михајлоски на тројцата осомничени кои се товарат дека се виновни за епидемијата со труење во општина Гостивар, предизвикана од водата за пиење и за нелегално поставување на пумпи во одводен канал, по што дошло до мешање на водата.
Портпаролката на Основниот суд Гостивар и воедно судија кривичар, Драгослава Веселинова, на денешната прес-конференција истакна дека нејзиниот колега Михајлоски го прифати предлогот на Јавното обвинителство и определи мерка притвор од по 30 дена и донесе решение КПП 237/26.
Веселинова изјави и дека решенијата за притворот се доставени до осомничените, а мерката притвор осомничените ќе ја издржат во КПУ Затвор Скопје – Скопје.“
Таа образложи и дека мерките притвор од 30 дена за тројцата осомничени, кои се на раководни функции во комуналното претпријатие во Гостивар им се изречени поради запретената казна, за која им се става на товар на осомничените, бидејќи се работи за кривично дело за кое е запретена кривична санкција од најмалку четири години, а како што рече Веселинова доколку обвинетите би се пуштиле да се бранат од слобода, постои голема веројатност да се дадат во бегство и да влијаат врз сведоците, кои треба да бидат испитани во текот на истражната постапка.
– Од досегашните информации што ги добив од страна на Основното јавно обвинителство, дека ОЈО Гостивар спроведе истражна постапка против осомничените Артана Асани, Леон Уредини и Вадедин Дервиши, под сомнение дека сториле кривично дело Тешки дела против животната средина и природата од член 234 став 2, во врска со член 219 став 3, во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик (КЗ). Основното јавно обвинителство, по спроведената истражна постапка, преку јавниот обвинител Хазби Сени, до судијата на претходна постапка на Основен суд Гостивар достави предлог за определување на мерка притвор против овие осомничени. Во предлогот ги има наведено причините поради кои го предлага притворот: поради запретената казна за која им се става на товар на осомничените — бидејќи се работи за кривично дело за кое е запретена кривична санкција од најмалку 4 години, а доколку обвинетите би се пуштиле да се бранат од слобода, постои голема веројатност да се дадат во бегство и да влијаат врз сведоците кои треба да бидат испитани во текот на истражната постапка – изјави Веселинова.
