„Плоштад Слобода“ го повикува градоначалникот Коце Трајановски да почне да вложува во вистинска велосипедска инфраструктура како и подобрување на сообраќајната култура, наместо да се подбива со граѓаните.
– Господинот Трајановски да избере било кој ден во годината, од својот дом во Автокоманда да се обиде да стигне на работа, а не само 2 пати во годината да го гледаме на слики преку медиумите. На тој начин градоначалникот ќе се увери дека не постои велосипедска инфраструктура и пешаците не се рамноправни учесници во сообраќајот – се вели во соопштението.
Од таму велат дека во сообраќајот во Скопје доминираат автомобилите, семафорите се прилагодени на потребите на возачите, а на штета на пешаците и велосипедистите. „Плоштад слобода“ реагираат дека ниеден од новите урбанистички и сообраќајни зафати во Скопје не се земаат во предвид велосипедистите како рамноправни учесници во сообраќајот.
Ниеден од новите булевари на Трајановски нема предвидени велосипедски патеки.
На Климент Охридски пешаците и велосипедистите делат тротоар во ширина од 1 метар, на Илинденска несоодветните сливници го прават возењето невозможно, а на Првомајска тесните тротоари што се делат со пешаците се понебезбедни од било кога заради зголемената брзина на возилата.
Во Скопје речисии не постојат рампи за заштита од уништување на велосипедите од рабниците на тротоарите, а единствените промени беа направени за да се прилагодат овие премини на новововедената кочија од проектот „Скопје 2014“ – стои во соопштението.
Петар Клинчарски