Сите заинтересирани планинари и велосипедисти утре можат да се придружат на турата до Матка преку врвот на Водно како дел од редовните месечни активности на здружението за спорт и рекреација Прв до врв, овој пат за одбележување на Денот на ајварот.
Стартот за сите учесници е закажан во 8 часот и 30 минути пред училиштето Кочо Рацин. Патеката на движење на планинарите е преку врвот на Водно до Матка и е долга 18 километри, додека онаа за велосипедистите е до врвот па потоа преку селата Горно Нерези, Крушопек и Шишево до Матка, во должина од 50 километри (вклучувајќи го и враќањето до Скопје преку Сарај).
Враќањето во Скопје за планинарите е со редовната автобуска линија број 60 на ЈСП во 14:55 и во 16:25 часот.
На целта во Матка, ќе биде одбележан Денот на ајварот во послужување на сите учесници со традиционалниот македонски деликатес, ајварот, кој за оваа пригода го обезбеди производителот Мама’с.
Се препорачува сите учесници да понесат облека, опрема и храна соодветна за овој дел од годината и за ден поминат во планина.
Турата ја организира здружението за спорт и рекреација Прв до врв во соработка со Empire State Building Fitness Centar.