Сто и педесет научни работници од 30-ина институции учествуваат на Петтата меѓународна балканска конференција за спортски науки што денеска беше отворена во Ректоратот на Државниот универзитет во Тетово (ДУТ).
Меѓу гостите освен професори од Македонија учествуваат и нивни колеги научни работници од областа на спортските науки од Албанија, Косово, САД и Турција. Конференцијата е во организација на Факултетот за физичка култура при ДУТ.
– Оваа конфернција е големо достигнување на Универзитетот бидејќи тука има силни личности со знаења и искуство од повеќе области на науката за спортот со што уште еднаш ја покажуваме нашата сериозност и насоченост за унапредување и постигнување нови научни сознанија и во оваа област, изјави ректорот на ДУТ Вулнет Амети.
За деканот на Факултетот за физичка култура Хаки Исмаили присуството на голем број научни работници и нивни трудови на конференцијата од повеќе области како физичко и здравствено образование, спорт, рекреација и слично овозможува носење на нови напредни научни заклучоци како и размена на меѓусебни искуства како основа за развојот на спортските науки.
Од гостите од странство пред присутните се обратија професорот Чад Мекивеј од универзитетот на Северен Илиноис, Чикаго од САД и професорот Агрон Каса од Универзитетот за спорт во Тирана, Албанија.
Петтата меѓународна балканска конференција за спортски науки ќе се одржи денеска и утре, а сесиите ќе се одвиваат во просториите на централната зграда на ДУТ во Тетово.