Граѓаните на Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода, заедно со Ана Петровска се борат за санација на поранешната депонија на Скопје Вардариште. Веќе 25 години сите градоначалници на Скопје си ја предаваат како жежок костен, без да се зафатат со нејзино решавање, вели во соопштението, кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Ана Петровска.
– Вардариште е небранета територија од 20 хектари на левиот брег на Вардар, на која се уште незаконски се депонира градежен шут, на повеќе локации неформални собирачи селектираат отпад и палат кабли, мебел и отпадни гуми, за да дојдат до метал, кој потоа преку посредници се продава во отпади што имаат дозвола. Од горењето се ослободуваат канцерогени емисии што ги загрозуваат жителите на Гази Баба и Аеродром, но и самите собирачи. Неформалните собирачи се воглавно социјално ранливи лица без лични карти, кои живеат од отпадот што го наоѓаат, или што вработените во Комунална хигиена им го оставаат пред претоварната станица на Вардариште, вели Петровска.
Решението е најпрво да се оградат и да се постават рампи на пристапите кон ѓубриштето, а во меѓувреме да се изработи техничка документација и да се обезбедат пари за санација и рекултивација и да се отпочнат градежните работи. Луѓето кои живеат од собирање и горење на отпадот, треба да добијат привремени лични карти и живеалиште и да се вклучат фомално во селекција и компостирање на отпадот на претоварната станица. Казни треба да има за оние што незаконски постапуваат со отпаден метал! Скопје мора да биде зелен и хуман град, изјави кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Петровска.