Водно се побуни против урбаниот терор кој се случува долги години во Општина Центар, општина во која е ВМРО-ДПМНЕ на власт. Природата е неумолива, таа си има свои природни правила, казнува за неконтролираното дивеење на луѓето и желбата за профит. Ова го кажа генералниот секретар на СДСМ Андреј Петров според кого
„ВМРО-ДПМНЕ и неговата бизнис олигархија ја претераа“.
„Од 2000 година па се дo денес, цели 12 години ВМРО-ДПМНЕ е на власт во оваа скопска општина. Цели 8 години градоначалник беше Виолета Аларова, а сега 4 години е Владимир Тодоровиќ. Одговорноста за тоталниот хаос во урбанизмот, за “харањето” на урбаната мафија во Општина Центар е целосно на страната на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Петров.
Тој рече дека вчера се случи тежок инцидент, кој ги загрози животите на голем број граѓани на Центар, на Градот Скопје.
„Само за потсетување на граѓаните, на ова место Градот Скопје кога градоначалник беше Ристо Пенов, изгради потпорен ѕид, со сите стандарди, за потоа Општина Центар да издаде решение за рушење и да го сруши, за да се изгради друг. Сето тоа се случува за време на владеењето на Виолета Аларова од ВМРО-ДПМНЕ.
Се отстапувa ли дел од ширината на заштитниот појас во корист на приватни инвеститори, заради бизнис интересите на олигархијата на ВМРО-ДПМНЕ?
Очекуваме неколку одговори од надлежните институции:
1. Чија е одговорноста за овој настан?
2. Каква е улогата во оваа трагедија на Општина Центар и на нејзините први луѓе, кои не водејќи сметка за животите на граѓаните изградиле, односно дозволиле изградба на потпорен ѕид кој пукна како картон и ги загрози животите на луѓето?
3. Каква е одговорноста на одговорните лица во Општина Центар кои го урбанизирале овој појас на Водно и издале соодветна градежно техничка документација?
4. Каква е одговорноста на сопственикот на имотот кој ЦМД Коминг и миленикот на бизнис олигархијата на ВМРО ДПМНЕ Петар Наумовски?
5. Има ли поврзаноста на познатиот бизнисмен Алек Тера Нова и неговата фирма – Дивелоп груп во целата оваа работа“, праше Андреј Петров.