Главниот и одговорен уредник на информативната програма на МРТ, Горан Петревски, вели дека јавниот сервис не ги емитува разговорите од „бомбите“ на опозицијата кои говорат за криминал и корупција во врвот на власта, затоа што според него имало забрана од јавното обвинителство.
Петревски мисли на соопштението кое го испрати Јавното обвинителство до медиумите, непосредно пред објавувањето на првата бомба на СДСМ, а со коа се препорачуваше да не се пренесуваат материјали кои се незаконски добиени, соопштение кое странската и домашната јавност го оцени како обид за наметнување цензура во медиумите.
– За нас таа препорака е меродавна и затоа не ги објавуваме материјалите кои се однесуваат на случајот „Пуч“, но ги следиме прес-конференциите на опозицијата, вели Петревски за „А1он“.
Но наспроти ваквиот став за “бомбите“ на опозицијата, Петревски како главен и одговорен уредник на вестите, дозволи да се емитуваат снимките добиени преку посебни истражни мерки за Љубе Бошкоски.
– Случајот Љубе Бошкоски е веќе документиран и во завршена судска постапка. Додека снимките од разговорите меѓу Груевски и Заев се во докажување, вели уредникот на МРТ.
Јавниот сервис до сега ги емитуваше и снимките од разговорите меѓу премиерот, Никола Груевски и лидерот на опозицијата, Зоран Заев, за кои самиот премиер потврди дека се снимени со примена на ПИ мерки. Законот за кривична постапка наложува дека вака добиените материјали се службена тајна и не смеат да се вадат надвор од постапката. Откривањето на идентитетот на оние кои биле следени со ПИ мерки е кривично дело, исто како и на снимките со Љубе Бошкоски кои МРТ и Петревски ги емитуваа, а на кои се наоѓа заштитениот сведок.
При синоќешниот протестен собир на Стојанче Ангелов, тој побара од раководството на МРТ да ги објави разговорите меѓу министри на ВМРО-ДПМНЕ со цел јавноста да пресуди за нивната вистинитост. Ангелов рече дека уредниците на јавниот сервис се изложуваат на казна затвор затоа што ја злоупотребуваат својата службена положба и не ја информираат јавноста објективно, туку селективно и пристрасно.
Ова е втор пат граѓани да изразат револт и незадоволство од работата на МРТ пред нејзините врати, откако на крајот на февруари перформанс организираше иницијативата на граѓани „АЈДЕ“. На социјалните мрежи, пак, новинарите на МРТ се секојдневно мета на напади поради непрофесионалното известување. На прашањето дали овие апели допираат до него, Петревски вели дека прави се што може.
– Правам се што можам според моите стандарди да направам најдобро што можам – изјави тој.
Маја Васева