I.
Преку авторитарниот модел на владеење што го практикува власта составена од ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски и ДУИ на Али Ахмети, практично се оневозможува било каква контрола врз неа, ниту пак постојат можности преку демократски избори таа да биде променета, што кај опозицијата создава чувство на дискриминација како политичко малцинство во земјата. Нема еднаков пристап до правдата, до медиумите, пристап до било каков ресурс со кој располага владата, од работни места до можноста за бизнис и напредување. Со ваквиот модел на владеење се загрозени практично уставно гарантираните човекови права и слободи, додатно приврзаниците на опозицијата се означени како предавници и непријатели на власта, но и на државата. Тие се фрлени на маргините од општеството, како граѓани од втор ред, а власта ги користи истовремено сите средства за да ги оневезможи рамноправно да учествуват во изборот на нова власт или да се борат за неа. Загрозена е евроатланската перспектива на земјата и постои реална опасност од нејзино назадување во демократските процеси и напуштање на нејзините стратешки цели, кои се консензуално прифатени по стекнувањето на независноста на земјата.
Во такви услови заедно со милитантните пораки што Никола Груевски ги упатува од партиските митинзи, земјата се движи кон граѓански и меѓуетнички конфликт. Големите лаги од типот на над 20 000 нови вработувања, оргомни странски инвестиции, чесност, работливост и посветеност на властодршците, љубовта кон Македонија и излив на голем патриотизам, се само евтин трик за прикривање на криминалот и корупцијата.
НСДП оценува дека опозицијата, како политичко малцинство во овој момент, поради изборниот фалсификат на последните парламентарни избори, има право да предлага воведување на инструменти за нејзина заштита и рамноправност, како и претпоставки за нејзино влијание врз општествените процеси во земјата, едновремено нуди и докази дека изборите што ги организира сегашната власт не обезбедуваат фер изборен натпревар, поради што одбива да учествува во работата на Собранието на Република Македонија, односно не го признава легитимитетот на власта.
II.
Како услов за нормализација на состојбите во Македонија, НСДП предлага оставка на актуелната влада и на Претседателот на државата, создавање на политички амбиент во земјата кој треба да финишира со предвремени слободни и фер парламентарни и претседателски избори.
III.
Во политичкиот дел, врз основа на прецизен политички договор меѓу парламентарните партии да се утврди динамика на сите активности што треба да доведат до формирање на преодна влада со јасен и точно утврден мандат.
Правната разврска за кривичните дела за скандалот за прислушување треба да започне со оставка на државниот јавен обвинител и избор на нов обвинител, едновремено со транспаретна и квалитетна постапка и меѓународен мониторинг да започнат суштински промени во правосудниот систем.
IV.
Преодната влада треба да понуди:
1)Системски промени и гаранции за одвојување на партијата од државата;
2)Гаранции за укинување на монополот врз клучните медиуми и обезбедување на слободен пристап до нив на граѓаните и опозицијата. Особено е важно системски да се уреди функционирање на МРТВ како јавен радиодифизен сервис
3)Динамика на завршување на пописот на населеието и прочистување на избирачкиот список;
V.
Централното прашање што во вакви ситуации се поставува е: „Кој и како ќе ја принуди сегашната влада во Република Македонија да прифати ваков вид на промени во земјата?“ Досегашните македонски исксуства говорат дека промени можат да се случат со координирана активност на повеќе субјекти, како што се големиот и организиран притисок од страна на опозицијата, невладиниот сектор, демократските сили и промени внатре во самите владеачки апртии (ВМРО-ДПМЕ и ДУИ), како и со конкретна помош од страна на земјите членки на ЕУ, САД и НАТО.
VI.
Во делот што се однесува за демократскит промени внатре во партијата едно од најважните прашања е: „Дали во раководтсвото на ВМРО-ДПМНЕ има сили способни да се спротистават на авторитарниот модел на владеење на Никола Груевски и неговите конспиративни инсталации? Дали ВМРО-ДПМНЕ има сили да расчисти со својата политичка олигархија? Дали може успешно да се справи со сопствениот лидер кој не нудејќи никакви конкретни решенија за излез од кризата сака практично со сопствениот политички крај да го најави и крајот на Македонија. Дали членството на ВМРО-ДПМНЕ ќе собере сили да разбере дека оставката на Груевски и неговата влада во овој момент се единствените реални варијанти за отпочнување на процесот на политичка консолидација во Македонија?“
VII.
Не помалку важен е и односот на меѓународната заедница. Со пораката: „Македонија не е квинслиншка творба“, Никола Груевски практично влезе во отворен судир со меѓународната заедница и од Македонија направи најизолирана земја во Европа. Сосема е јасно дека без силна домашна заложба, меѓународната заедница не може да обезбеди јасна визија за разрешување на нашите проблеми, иако на еден дипломатски начин таа го наговести својот однос кон владата на Никола Груевски.
По првичните реакции на САД и ЕУ уследи оценка на партијата на Ангела Меркел-ЦДУ дека моделот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ е авторитарен. После тоа уследија откажувањата на средбите на Никола Груевски со Јункер и Меркел. Кокетирањето на Никола Груевски со Русија не ги остава рамнодушни земјите членки на Европската Унија. После сė за очекување е некои од нив јавно да соопштат дека нема да соработуваат со авторитарен режим и корумпирана влада.
VIII.
Веднаш по потпишувањето на договорот треба да се пристапи кон донесување на потребните закони во Собранието и најдоцна во рок од 6 месеци да се формира преодна (службена) влада и во договорен рок да се организираат предвремени парламентарни и претседтелски избори.
Со законите што ќе се донесат треба да се обезбеди:
1)Проширување на правата на опозицијата во Македонија и зголемување на нејзината контролна функција, во насока:
а) Право да предлага избор на државен јавен обвинител;
б)Право да предлага Претседател на државната комисија за спречување на корупцијата;
в)Право да предлага Државен ревизор на Македонија;
г)Право да предлага еден од двајцата директори на јавниот радиодифузен сервис МРТВ
д)Заради спречување на било какви злоупотреби на власта пред избори, изборот на преодна влада на шест месеци пред изборите да се воведе како обврска на сите наредни парламентарни избори
ѓ) Со изборното законодавство покрај другото да се обезбеди:
-Забрана на рекламирање на владата два месеци пред одржување на изборите;
-Забрана за политичко рекламирање во медиумите пред и по завршување на изброната кампања;
-Државно финансирање на партиите процентуално според бројот на освоени гласови на последните избори;
-Задолжително учество на лидерите на партиите или нивните заменици на телевизиски дебати пред изборите.
е)Да се овозможи странски ексеперти да бидат поставувани на чело на некои државни органи со цел гаранција за професионалност, политичка непристрасност и спречување на корупција
2)Изборниот законик да се донесува и менува со двотретинско и бадентерово мнозинство, заради потребата од постигнување на консензус за изборните правила помеѓу партиите од власта и опозицијата.
IX.
Со независен јавен обвинител и под меѓународен мониторинг да се преиспитаат сите случаи на „монтирани судски процеси во Македонија“ и политички затвореници и да бидат испитани сите злоупотреби на власта преку судски процеси, кои мора да бидат во фер и транспарентна судска постапка.
X.
Покрај неопходните закони треба да се договорат и мерки за зголемување на довербата, меѓусебното почитување и обврска за соработка околу остварување на националните интереси на Република Македонија, меѓу партиите на власта и партиите во опозиција. Во мерките за зголемување на довербата спаѓаат:
а)Потребата од објективност и рамноправна застапеност на власта и опозицијата во информативните програми на јавниот радиодифузен сервис и приватните телевизии кои добиваат национални концесии и кои го користат етерот како национално добро;
б)Задолжително учество на лидерите или други претсавници на политичките партии на прославата на сите национални празници и одбележување на настани од интерес на државата;
в)Задолжително учество на лидерите на партиите на состаноците што ги организира претседателот на државата;
г)Со цел воведување на принципот на одвојување на партијата од државата да се предвиди и неспоивост на истовременото извршување на партиска и државна функција.
* *
*
Гаранти за почитување и импелментација на договорот меѓу политичките партии да бидат страните потписнички и претставници на САД и ЕУ.
Овој политички проект треба да се сфати како напор за враќање на легитимитетот и угледот на власта и за стабилизација на Македонија на подолг рок, а не обид за насилна промена на власта.