„За десетте години Нова социјалдемократска партија(НСДП) прерасна во етаблиран субјект на македонската политичка сцена, со капацитет за влијание не само на националните политики, туку и на политиките кои се спроведуваат на локално ниво“, рече претседателот на НСДП, Тито Петковски вчера на одбележувањето на десет годишнината од основањето на партијата.
Според него, сите овие години НСДП воспостави силна врска со граѓаните, постојано ги артикулира и застапува нивните интереси не само како како парламентарна партија, туку и како партија која е присутна во локалните совети на општините.
Осврнувајќи се на актуелната политичка ситуација во Македонија, Петковски рече дека опозицијата треба да направи се за да дојде до реализацијата на Договорот од Пржино, а одлагањето на изборите ќе значи негово поништување и враќање на почеток.
„Груевски знае дека ќе заврши во затвор и веројатно тешко му паѓа тоа. Тој го одлага тоа, но ние ќе го чекаме моментот. Од понеделник-вторник почнува да тече рокот на неговата оставка“, рече Петковски.
Тој истака дека опозицијата во своите раци има силни аргументи кои ќе ги изнесе пред граѓаните на Македонија на престојните парламентарни избори, со што сознанието за неправдите, криминалот и разорните политики на актуелната власт ќе стане достапно за сите кои живеат во државата.
На прославата на 10-годишнината од основањето на партијата, која вчера се одржа во ресторанот „Подкале“ помеѓу присутни гости беа и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и претседателскиот кандиндат на опозицијата Стево Пендаровски и претставници на останатите коалициони партнери.