Стартот на судското рочиште за случајот „Талир“ кој се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ денеска по кој знае кој пат беше одложено во Кривичниот суд во Скопје. Овој пат причината, како што информираше претседателот на судечкиот совет Осман Шабани, е неприсуството на судијата поротник поради здравствени причини.
Првото рочиште за „Талир“ беше закажано за 18 февруари и беше одложено заради отсуството на обвинетиот Илија Димовски. Тој тогаш го известил судот дека како шеф на собраниската делегација на Парламентарното собрание на НАТО, учествува на состанок во Брисел. После ова следуваа низа причини од различна природа поради кои беше одложуван стартот на ова судење.
На денешното рочиште кое не се одржа се појави и ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески кој по налог на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција заедно со уште десетина лица утрово беше уапсен поради сомение за најновиот случај на ОЈО каде товари за злоупотреба на службената положба и неовластено работење во службата.
Неофицијално, Јанакиески и останатите се сомничат за незаконско постапување за градба на три парцели за хотелски комплекс покрај Вардар од другата страна на градскиот парк во Скопје.
Специјалното јавно обвинителство поднесе две обвиненија како дел од истрагата за предметот „Талир“. Првото обвинение, кое се однесува на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, ги опфаќа експретседателот на партијата Никола Груевски, други пет поранешни функционери и самата партија како правно лице.
Второто обвинение ги опфаќа Груевски и поранешниот владин генерален секретар Кирил Божиновски. Тие се товарат за незаконска изградба на партиското седиште Палата Христо Татарчев, попознато како Белата палата.
Обвинението за незаконско финансирање покрај самата ВМРО-ДПМНЕ и Груевски ги опфаќа и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска.