Со поставување камен темелник денеска почна реализацијата на проектот „Водоснабдување на лев брег, Крива Паланка – висока зона“ што се реализира со финансии од 23 милиони денари преку Владата и Министерството за транспорт и врски.
Ќе се гради главен доводен цевковод, примарна мрежа во должина од 2,890 метри, со капацитет од 350 кубни метри, и секундарна мрежа со седум крака во должина од 2,480 метри.
– Со реализацијата на овој проект се предвидува конечно решавање на водоснабдувањето на високата зона на левиот брег на Крива Река во Крива Паланка. Со тоа се надминуваат состојбите на недостаток на вода во критичните периоди во високите делови од градот, истакна на свеченоста вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски кој е во работна посета на Крива Паланка.
Со градбата на новата водоводна мрежа, укажа Пешевски, се растоварува и комплетниот водоснабдителен систем со што ќе се надминат и проблемите со недостаток на вода и во другите зони на општината, изјави Пешевски, кој присуствуваше и на пуштање во употреба на пречистителна станица за вода.
Вицепремиерот Пешевски рече дека градот Крива Паланка и поголем дел од населените места досега се снабдуваа со вода само од Калин Камен што не ги задоволуваше целосно потребите, особено во критичните периоди на помала издашност на изворите, а поголема потрошувачка на вода. – За долгорочно решавање на проблемот со водоснабдување, покрај изградбата на водоснабдителниот систем Висока зона – Лев брег неопходно беше да се доизгради, доопреми и стави во употреба и водоснабдителниот систем на Станечка Река и филтер-станицата за вода за пиење, така што долгорочно е решено прашањето за водоснабдување на кривопаланчани, рече Пешевски.