Партија за економски промени 21 (ПЕП 21) го прашува ВМРО ДПМНЕ, дали намерно го попречува спроведувањето на регуларни, фер и демократски избори само затоа што се свесни дека ги очекува пораз и казна од граѓаните на Република Македонија?!
Во соопштението до јавноста ПЕП 21 тврдат дека ВМРО ДПМНЕ знаат, дека со спроведување на договореното и потпишаното во Пржинскиот договор, нема да можат повеќе да ги лажираат изборите и да ги крадат гласовите на граѓаните.
„Од друга страна ќе мора да одговараат за сите незаконски постапувања и богатења на штета на Република Македонија и нејзините граѓани“, стои во соопштението.
Понатаму од оваа партија велат дека опозициските партии преку своите органи и тела слободно и демократски ја донесоа одлуката за бојкот на изборите и за потпишување на Платформа за демократска Македонија во согласност со реалната состојба, бидејќи на 5 јуни 2016 год нема услови да се одржат регуларни, фер, слободни и демократски избори во Република Македонија.
„Прашуваме ДПМНЕ, колку народни пари мора да потроши за да купи неколку привезоци кои ќе учествуваат на избори за да глумат опозиција на штета на иднината на нашата Македонија и нејзините поколенија ?!“, стои во соопштението.