Пензионер од кочанско почина од компликации од Западно-нилска треска

Од:

78-годишник од кочанско, жител на Општината Чешиново–Облешево починал на 16-ти на Клиниката за инфективни болести поради компликации од вирусот на Западно-нилска треска објави Институтот за јавно здравје. Тој е четврт случај годинава и случајот во ИЈЗ е пријавен на 12-ти месецов.

Првичните симптоми кај пациентот се појавиле на 09.09.2024, бил со намален апетит, малаксаност и покачена температура до 39°C. Поради појава на вознемиреност, агресивност, афазија и губиток на свест, пациентот на 10.09.2024 година со возило од ИМП Кочани е пратен во КБ Штип каде биле спроведени дијагностички невролошки процедури.

Поради тешката состојба на пациентот и дијагностициран енцефалитис, во текот на истиот ден е упатен за УК за инфективни болести и фебрилни состојби Скопје (КИБФС). Земени се примероци за микробиолошки анализи на повеќе причинители.

Со серолошко испитување е добиен податок за присуство на антитела кон причинителот – WNV од вирусолошката лабораторија при ИЈЗ во серум и ликвор, односно потврдено е заболувањето Западно-нилска треска.

Поради влошената состојба на пациентот и покрај поставување на кислородна маска и дадена терапија за стабилизирање на состојбата, пациентот егзитирал на 16.09.2024 за време на хоспитализација при КИБФС, пишува во извештајот на ИЈЗ.

„Податоците при епидемиолошкото истражување од епидемиолог од ЦЈЗ Кочани се добиени од децата на пациентот и од медицинската документација од КБ Штип и инфектолози од КИБФС. Пациентот е пензионер, се занимава со земјоделство, татко на 2 деца, вдовец, кој живее во куќа во с. Облешево, Кочани. Според хетероанамнезата пациентот не патувал надвор од државата, како и надвор од местото на живеење (низ РСМ) во периодот на инкубација. Нема други лица од семејството со слични симптоми. Во регионот на Кочани е забележано присуство на комарци. Согласно информацијата од надлежниот епидемиолог, во регионот на општина Кочани се спроведени активности за ларвицидна и адултицидна терестичка дезинсекција, а во општина Чешиново-Облешево досега не се спроведени активности за дезинсекција“, информира ИЈЗ.

Првиот случај импортиран, е регистриран во април годинава, кај жител на општина Василево. Вториот случај е исто така импортиран, е евидентиран во јули кај жител на Кочани. Третиот случај е автохтон, во месец август 2024 година, кај жител на Тетово.

Западно-нилската треска во Македонија се регистрира со спорадични случаи, најчесто кај тестирани пациенти со невроинвазивна форма на болеста. Вектор преносливите заболувања стануваат се поактуелни и ја менуваат сликата на оптоварувањето со заразни болести.

„Климатските промени во голема мера влијаат на дистрибуцијата и активноста на векторите. Многу од овие болести се веќе присутни во Р. С. Македонија (лајмската болест, западно-нилска треска, некои хеморагични трески, туларемија и др.), а други како што се маларија, денга, чикунгуња и многу други потенцијално може да се внесат во државата. Имајќи го во предвид претходно наведеното, постои веројатност за понатамошно пријавување на нови случаи на цела територија на Р.С. Македонија. Постои среден ризик за населението во пролетно-летниот период, но истиот може да се минимизира со држење до препораките за превенција од надлежните институции“, апелира ИЈЗ.

Би можело да ве интересира

Струмичкото комунално претпријатие со 16 анализи тврди дека водата за пиење е исправна

Расте бројот на новозаболени и на смртни случаи од рак на дојка, лани починале 346 жени

Катерина Ѓуровски

Починатиот од западно-нилска треска не патувал, заразен е во земјава

Катерина Ѓуровски

Питомци од Воената академија побарале лекарска помош на Инфективната клиника во Скопје

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Дали е точно дека лица со Ковид на кои им е потребен респиратор не се примаат на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски