Се гледа светлото на крајот од тунелот, тоа го потврдува извештајот од Европската комисија. Но, позитивен извештај не се случува првпат, добивавме препораки и порано, последен пат во декември 2005, но таа шанса ја пропуштивме. Сепак, Западот и во најголемата темнина не губеше надеж за враќање на Македонија во Европа и НАТО, каде и припаѓа, рече националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски.
– Интеграцијата на западнобалканските држави е практична потреба на Западот и целиот европски континент. Целта е стабилизација на Европа и тие имаат интерес за влез на балканските земји во ЕУ и НАТО бидејќи политичка Европа ќе функционира подобро доколку нејзините рабови функционираат демократски, рече Пендаровски.
Тој истакна дека одредени лица преку пропаганда го злоупотребуваат македонско-грчкиот спор, со што погрешно ѝ даваат на знаење на јавноста дека евро-атланската политика е погрешна. Според него, западните модели на демократија се системски подобри од сите други.
– Во Европа се случуваат позитивни трендови откако ентузијазмот во Брисел се намали по излезот на Велика Британија. Нас како држава нè радува фактот што Франција се враќа на голема врата. Со нетрпение го очекувам француско-германскиот план за еврозоната поради тоа што ќе биде прва фаза за ширење на Унијата, рече Пендаровски.
Националниот координатор за НАТО тврди дека внатрешните политички фактори треба меѓусебе да ги достигнат очекувањата на ЕУ и да се продолжи со заедничко работење на власта и опозицијата.
– Факт е дека пред 13 години круцијален фактор беше внатрешната политичка структура да се вложи себеси без остаток. Последниот таков опфат е договорот меѓу власта и опозицијата, кој од 2005 до денес се случува првпат, вели Пендаровски по што додаде дека за првпат од 1993 година до денес кај македонската страна е декларирана волја за решавање за овој проблем.
Според Пендаровски, чекорењето на Македонија на повисоките патеки на евро-атланските интеграции може да биде само домашен продукт, односно влезот нема да биде подарок само на одредени политичари кои носат одлуки за успешно трасирање на државата напред, туку успех на граѓаните и сите политички фактори.
Виктор Јованов