Пендаровски: Очекуваме јасна покана за почеток на пристапните преговори

Од:

Очекуваме јасна покана за почеток на пристапните преговори со Европската Унија. Свесни сме за предизвиците со кои се соочува ЕУ, како и за дебатите за проширување, но секое одолговлекување на европските перспективи на регионот значи потенцијално отворање простор за други актери, вклучително и безбедносни, кои не нудат одржливи алтернативи на ЕУ и НАТО.

Ова денеска го изјави претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на научно-стручната расправа „Стратешки приоритети во безбедноста и одбраната на РСМ по членството во НАТО“, што се одржа на Факултетот за безбедност во Скопје по повод разгледување на предлог Стратегијата за одбрана на земјава, што е предмет на расправа пред нејзиното усвојување.

Пендаровски, посочи дека сепак, тоа најмногу зависи од нас и од реформските резултати во земјата пред се во однос на владеење на правото и борбата против високата корупција.

Претседателот потсети дека сега земјата се наоѓа во една нова реалност, а тоа е скорешното пристапување во НАТО.

– Клучниот стратешки пробив што Северна Македонија го направи во однос на сопствената безбедност е поканата за членство во НАТО во јули 2018 година. Тоа беше историски исчекор и пресврт, кој нас како држава конечно ќе не позиционира на светската безбедносна мапа еднаш засекогаш, истакна Пендаровски.

Шефот на државата истакна дека во таа насока од големо значење се реформите во безбедносниот сектор кои со години беа запрени и дури во последнава една и пол година се динамизирани.

– По поканата за членство во Алијансата ние сме во помирни води но безбедносните предизвици во регионот се уште се присутни. Тероризмот, верскиот екстремизам, сајбер нападите, дезинформационите кампањи, хибридните војни се присутни и нема наскоро да изчезнат. Најдобриот начин за справување со овие закани кои се наоѓаат високо и на агендата на НАТО е да ги следиме информациите и трендовите и заедно со другите членки на Алијансата да се соочиме со нив, рече тој.

Пендаровски посочи дека во блиско минато имавме примери кога бевме цел на софистицирани хибридни кампањи, кои сакаа да го загрозат демократскиот процес и да ја попречат волјата на граѓаните, додавајќи дека современите хибридни закани ќе продолжат да дејствуваат преку државните граници и затоа е значајно здружено да им се спротивставиме.

Деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски рече дека одбраната и безбедноста се актуелни прашања кога целиот регион на Југоисточна Европа се соочува со значајни предизвици, како што е тероризмот, заканите за илегална имиграција…

Тој му врачи плакета на претседателот Пендаровски за досегашната успешна соработка и поддршка, подвлекувајќи дека тој е прв претседател по 42 години кој за првпат доаѓа во таа институција.

Професорот Марјан Ѓуровски, осврнувајќи се на предлогот Стратегијата за одбрана истакна дека таа претставува проценка на сегашните и идни закани и можности и оти преку неа се претставува политичката иднина на земјата и нејзиниот интегративен процес.

– Реформата на безбедносно-разузнавачкиот систем треба да придонесе да се зголеми професионализмот во службите преку деполитизација и транспарентност применети во сите фази од работењето на службите, од селекцијата на кадарот до системот за кариера и креирањето и развојот на сите процеси, рече Ѓуровски.

Според него, кога се говори за безбедносните ризици, би требало да се нагласи дека внатрешниот македонски судир има влијание врз нивото на демократијата во земјата, бидејќи, како што рече, демократијата е жртва на тој судир на концепти што е многу пожесток во однос на другите транзициони држави и се одразува на политичката безбедност во земјата.

Тековната стратегија за одбрана е донесена во 2010 година, а како резултат на безбедносната динамика, современите безбедносни закани и предизвици, но и променетиот статус на земјава во меѓународни рамки, е изработена нацрт Стратегија за одбрана на Северна Македонија.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он