Пендаровски на средби со Пленковиќ и Јандроковиќ: Интензивирање на соработката во повеќе области

Од:

Северна Македонија и Хрватска имаат одлична соработка на регионален и на мултилатерален план, со акцент на сојузништвото во НАТО, каде нашата држава е цврсто посветена на промовирање и споделување на заедничките вредности и одговорности, оценија претседателот Стево Пендаровски и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на денешната средба во Загреб.

Претседателот Пендаровски, кој од денеска престојува во дводневна официјална посета на Хрватска, изрази благодарност за принципиелната хрватска поддршка за неодложен почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ.

Пендаровски воедно ја поздрави идејата за одржување прва заедничка седница на владите на двете држави, на која би се разговарало за идните насоки на соработка.

Беа разменети и информации за тековниот процес на вакцинација против Ковид-19, при што Пендаровски се заблагодари за намерата хрватската Влада да донира 10.000 дози од вакцината АстраЗенека за нашата држава.

Претседателот Пендаровски го истакна и интересот на нашата држава за интензивирање на економската соработка и трговската размена со Хрватска, за што постојат неискористени можности.

На средбата на шефот на државата со претседателот на Хрватскиот сабор, Гордан Јандроковиќ, пак, е нагласена заедничката заложба за интензивирање на парламентарната соработка.

Претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија и Хрватска споделуваат идентични вредности во функција на остварување на заедничките цели за мир, стабилност и просперитет на целиот регион, за што придонесува и меѓусебната соработка како две пријателски држави и сојузници во НАТО Алијансата.

Во контекст на нашиот евроинтегративен пат, претседателот Пендаровски изрази благодарност за цврстата, недвосмислена и континуирана поддршка на Хрватска.

На средбата е изразено задоволство од развојот на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Хрватска и беше реафирмиран заемниот интерес од натамошно градење на традиционално пријателските релации меѓу двете држави преку проширување и зајакнување на соработката во сите области од заемен интерес. Тие ја нагласија заедничката заложба за интензивирање на парламентарната соработка oсобено за нејзино динамизирање преку комисиите за надворешни работи и европски прашања на двата парламента, како значаен придонес во севкупните билатерални односи и во создавањето амбиент за поквалитетна регионална соработка.

Претходно Пендаровски имаше тет-а-тет средба со неговиот домаќин, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, на која исто така беше реафирмирана поддршката од Хрватска за евроинтеграцијата на Северна Македонија, со уверување за исчекор и почеток на преговорите за членство во тек на претстојното словенечко претседавање.

Утре, на вториот ден од посетата, претседателот Пендаровски ќе се обрати на билатералната деловна средба – со фокус на инвестиции, што се организира во соработка со Хрватската трговска комора, а на која ќе присуствува и македонска бизнис делегација.

Би можело да ве интересира

Пленковиќ: Никој не добил мандат да работи на црно, ќе има последици

Горан Наумовски

ВМРО-ДПМНЕ: Лажната скромност на Пендаровски, кажа дека не сака канцеларија, за ден потоа експресно да побара

ВМРО-ДПМНЕ: Лицемерие е кога партијата на Заев кој зборуваше за еден народ во две држави и Пендаровски кој праќаше поздрави на “љубави”, да глуми загриженост

Пленковиќ: Целта на резолуцијата за Јасеновац е да се нарушат односите меѓу Хрватска и Црна Гора

Хрватска доби нова влада, Пленковиќ по трет пат стана премиер

Пленковиќ доби мандат да формира влада