Претседателот Стево Пендаровски по денешната седница на Советот на безбедност, изјави дека безбедносната состојба во земјата е стабилна и засега нема индиции кои би укажувале дека би можело да дојде до загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет.
„Денеска ја одржавме 14-та седница на Советот за безбедност, инаку прва во овој нов состав, со двајца нови членови од редовите на оние кои доаѓаат по функција за членови на Советот. Имено, тоа е претседателот на Владата Ковачевски кој доаѓа на место на поранешниот премиер Заев за член на Советот, и министерката за одбрана Петровска која доаѓа на местото на поранешната министерка за одбрана Шекеринска.
Надвор од редовниот состав на Советот, на моја покана, беа присутни и директорите на Агенциите за разузнавање и за национална безбедност, како и началникот на Генералштабот на Армијата.
На седницата дискутиравме за актуелните политички и безбедносни состојби во земјава, во регионот и пошироко во она што го нарекуваме евроатлантска зона на одговорност, со оглед дека сме членка на НАТО Алијансата и беа донесени следните заклучоци:
Членовите на Советот за безбедност констатираа дека безбедносната состојба во земјата е стабилна и засега нема индиции кои би укажувале дека би можело да дојде до загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Северна Македонија. Надлежните институции редовно ја следат состојбата и ако има потреба се целосно подготвени веднаш да реагираат.
Во однос на состојбите во регионот на Западниот Балкан, Советот заклучи дека со засилената дипломатска активност и поинтензивното присуство на терен на меѓународната заедница во последниов период, тензиите се делумно намалени, тука мислиме, пред сѐ, на Босна и Херцеговина, при што е отворен простор за повторно воспоставување на дијалогот како единствен начин за надминување на проблемите.
На седницата се дискутираше и за тензиите во поширокиот регион, поточно на украинско-руската граница. Имајќи предвид дека станува збор за две држави кои граничат со таканаречената евроатлантска зона на одговорност, Северна Македонија како членка на НАТО беше должна да ги направи, и ги направи, сите неопходни подготовки, повторувам, подготовки, за можните сценарија во зависност од тоа како ќе се одвива текот на настаните во наредниот период во тој дел од светот.
Ги поздравуваме дипломатските напори кои се одвиваат на различни нивоа, кои ги преземаат главните фактори во меѓународната заедница со кои им се дава шанса на дијалогот и на преговорите, а не на оружјето и на воинствената реторика. Во тој дел од светот има мали, засега симболични знаци за деескалација на реториката во изминативе неколку денови, но сѐ уште е рано за прогнозирање како ќе се одвиваат настаните понатаму, затоа што во моментов тој дел од светот сеуште останува потенцијално високо ризична зона“, рече Пендаровски.