Превозот на ученици во Битола бил корумпиран до даска, рече обвинителот на СЈО.
Во воведните зборови за случајот „Транспортер“, обвинителот Трајче Пеливанов рече дека станува збор за организација на образованието која обвинетите се дрзнале да ја искористат за лично богатење.
Индициите произлегуваат од „бомбите“, поточно од разговорот меѓу екс министерката Гордана Јанкулоска и екс министерот Зоран Ставрески, кои разговараат дека „превозот на ученици во Битола е корумпиран до даска“.
Тогашниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, заедно со секретарот на општината, Слободан Бончановски испланирале, организирале и спровеле скап превоз за ученици во основните и средните училишта.
Во криминалот, како што рече Пеливанов, биле вклучени директори на училиштата, кои сега се обвинети, прифаќајќи ги нереално високите фактури. Директорите не формирале ниту комисии кои би требало да ги мониторираат договорите од групната јавна набавка. Првите спорни договори биле направени за учебната 2009/2010 година, а продолжил и следните години.
Вкупната штета на буџетот која ја направиле со овие договори, била 556 илјади евра. Во 2010/2011 година вредноста на јавната набавка за превоз била 7 милиони денари, а тие фактурирале 41 милион денари.
Поради истек на работното време, адвокатите на обвинетите побараа да прекине главната расправа. Судот одлучи главната расправа да продолжи во следните датуми кога се закажани рочиштата.
В.М.