Директорот на Казнено-поправниот дом Идризово, Живко Пејковски ги отфрла наводите за политичка вмешаност и вршење на притисок од било кого во остварување на правата и третманот на осудените лица, како и во случајот со Љубе Бошкоски.
„Горенаведената законска одредба предвидува можност за отпуштање на осудено лице пред истекот на казната затвор и тоа не од три месеци, туку до три месеци, поради што неточни се наводите дека трите месеци му следуваат на осуденото лице Љубе Бошковски како право. Користењето на предвидената законска можност се преиспитува за секој случај поединечно, имајќи ги во вид останатите околности за личноста и кривичната постапка која е во тек, како и можните ризиците во однос на текот од оваа постапка“, стои во реакцијата на Пејковски.
Тој наведува дека поради водење на друга кривична постапка именувана како “Ровер” во која еден од обвинетите е осуденото лице Љубе Бошковски и е закажано рочиште на 8 април 2016 година, се разгледува можноста за предвремено отпуштање на осуденото лице.
„Имено, согласно член 206 од Законот за извршување на санкциите, експлицитно е наведено дека осуденото лице може да се отпушти пред истекот на казната затвор, и тоа до 90 дена за казна затвор до пет години“, пишува во реакцијата.