И покрај поинаквата и подобро смислена тактика на власта да го претстави францускиот предлог како различен и подобар од претходниот, се погласни укажувањата од експерти, опозицијата, јавноста но и сегашни и екс припадници на власта дека се работи за истиот предлог и дека прифаќањето води кон предавство. Замерките се дека за да им се угоди на странците, наместо на граѓаните, се брза да се прифати предлог во кој според Протоколот Македонија ќе мора да признае еднаш, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, но и ќе преземе низа обврски за измена на учебниците, за говор на омраза и слично. Јавноста предупредува дека власта нема поддршка ниту согласност тоа да го направи на своја рака, без широки консултации и без да го праша народот.
Зоран Димитровски, заменик министер за локална самоуправа смета дека треба да се покаже Протоколот, за да биде јасно на што се обврзува Македонија.
Потребно е да се објави и Протоколот од вториот состанок на меѓувладината комисија, за кој министерот Османи рече дека го усогласил со министерката Генчовска, и треба да се потпише, како што тој рече, на денот на одржувањето на меѓувладината конференција во Брисел.
Ова поради тоа што во тој протокол се наоѓаат обврските што сме ги презеле за имплементација на Договорот за добрососедство и пријателство во делот на историската комисија – говорот на омраза, учебниците, спомениците, отворањето на досиејата на УДБА итн. итн. познатите услови 4+1.
Протоколот е важен затоа што сепак е спомнат во два од понудените документи од Владата, а во третиот, Преговарачката рамка, не е спомнат како протокол туку е заменет со зборовите Annual reviews and measures – годишни прегледи и мерки, пишува Димитровски.
Весна Бендевска, поранешна пратеничка на СДСМ повика на протести против францускиот предлог за кој вели дека го навредува достоинството.
Утре излегувам да го изразам својот протест кон оваа лакрдија која го повредува моето лично граѓанско право на самосвест за националната припадност, посебност, мојот мајчин јазик и историјата на мојот народ, со која се гордеам.
Свесно. Заради себе и својата совест, без калкулации за последиците. Моите идеали ми се поважни од сè и ќе се борам за нив, до крај, напиша таа.
Има и повици да се откаже послушноста на власта, но и понекоја пцовка.
Она што го стокми Макрон е понижувачко и неприфатливо, напиша режисерот и поранешен директор на Сорос, Владимир Милчин.
Универзитетската професорка Мирјана Најчевска смета дека предлогот не е добар.