Патронен празник на детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“-Битола

Од:

Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“-Битола, домаќин и организатор на меѓународната ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“, денешниот патронен празник го одбележува со повеќе од сто деца од 14 држави во светот, учесници на 36-тиот ликовен фестивал.

Раководителот на студиото и колонијата, Коста Хаџи Антоновски, изјави дека по спектакуларното отворање кое синоќа се одржа пред националната галерија на студиото во Битола, учесниците денеска цртаат на Широк сокак, Старата чаршија, безистенот, крај Драгор и на други инспиративни локации.

– Горди сме на нашата мисија, посветени сме на големото културно богатство и радосни што како педагози им пренесуваме знаења на најмладите, на децата од светот со кои денес ги славиме сесловенските просветители и патрони на студиото, светите Кирил и Методиј. Годинава првпат со четка во рака се и деца од Израел, кои заедно со останатите другарчиња, освен во Битола, ќе цртаат и во Охрид и Вевчани, посочи Хаџи Антоновски.

Организаторот на меѓународната ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ годинава внесе уште една фестивалска новина – избор на најдобар учесник на денот, која беше поздравена од делегациите од странство, меѓу кои и од Клара Федерова, член на екипата од Спишка Бела од Словачка, чии ученици синоќа третпат добија „Гран при“ – највисокото фестивалско признание.

– Чичко Коста секогаш приредува изненадувања и затоа многу го сакаме и почитуваме овој светски ликовен фестивал. Не очекувавме дека и годинава ќе бидеме наградени, но во секој случај со голема радост и возбуда најнапред ја слушнавме информацијата, а синоќа и ја добивме вредната награда која воедно го афирмира насекаде во светот нашето мало место, Спишка Бела, и истоименото училиште, рече Федерова.

Меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ се одржува со финансиска поддршка на министерствата за култура и за образование и наука.

Би можело да ве интересира

ЦУК: Се појавија свлечишта, но се поплавени куќи и патишта во Битола, Тетово и Гостивар

Крадец со скалпел во рака се закануваше дека ќе го повреди мажот кој го ограби

Поради сообраќајна несреќа сообраќајот од Битола кон границата со Грција се пренасочува преку селата Бистрица и Породин

Коњановски: Секој голем проект почнува од гласот на граѓаните

Битолската полиција со апел до граѓаните да не наседнуваат на телефонски измами за лажни сообраќајни несреќи

(ВИДЕО) Коњановски: Целосна реконструкција на центарот за спорт и рекреативни активности во Битола