Партиите ветија фер и демократски избори, фокусот ќе го стават на здравјето на граѓаните

Од:

Изборната кампања за парламентарните избори што ќе се одржат на 15 јули почнува в среда, на 24 јуни. Партиите ветија фер и демократски избори и најавуваат дека ќе се фокусираат на кампања која ќе биде безбедна по здравјето на граѓаните. СДСМ излезе со став дека нема да организира големи настани и митинзи. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавува кампања комплетно поинаква од оние што биле организирани досега. Позитивна, фер и демократска кампања, најавија и од ДУИ.

СДСМ нема да одржува митинизи и ги откажува сите поголеми собири. Генералниот секретар Љупчо Николовски вели дека мора да биде заштитено здравјето на граѓаните и на сите оние кои се дел од изборниот процес. Тој посочи дека ќе ги користат сите нови можности и модерни алатки кои стојат на располагање, како социјалните медиуми, традиционалните медиуми, билборди, друг тип на онлајн кампања и внимателно следејќи ја здавствената криза ќе ги димензионираат активностите на нивните кандидати кои ќе треба да се претстават пред граѓаните.

Во однос на кампањата, вчера со изјава излезе и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев кој рече дека кампањата што тие ќе ја водат дефинитивно ќе биде поинаква од она што го имале во минатото.

– Прв приоритет е да се погрижиме здравјето на граѓаните да остане како што беше – наш прв приоритет и сите ние да се чуствуваме заштитени и безбедни. Нормално дека ќе има дел преку социјалните медиуми, телевизии и сите останати пишани медиуми. Факт е дека ќе има и теренски активности, во кој обем и во каков вид ќе бидат ќе видиме, но големи митинзи нема да се случуваат, барем не во таков обем. Секако дека ќе пробаме да пристапиме кон секој еден гласач почитувајќи ги мерките за заштита, истакна Јанушев.

Под услови на пандемија, од ДУИ велат дека ќе мора да ја тераат кампањата, така што ќе се обидат да бидат заштитени во целост сите граѓани во земјава и во текот на кампањата и во текот на изборниот процес во деновите за гласање.

Претставници на политичките партии и коалиции на претстојните предвремени парламентарни избори вчера во Државната изборна комисија (ДИК) потпишаа Кодекс за фер и демократски избори. Апелите од ДИК и од претставниците на учесниците на изборите се исто така насочени кон почитување на мерките за заштита од Ковид-19.

Претставниците на помалите партии побараа партиите да ги вратат парите за изборите и да им се дозволи зголемување на минутажата за нивно претставување во медиумите.

Претседателот на ДИК Оливер Деркоски по вчерашното потпишување на Кодексот за фер и демократски избори истакна дека претстојните избори 2020 година ќе се одвиваат во исклучително сложена ситуација, пред се поради пандемија од Ковид-19. Најави дека во наредните денови ќе бидат изготвени здравствените протоколи врз основа на кои ДИК ќе направи упатства за гласање.

Тој се надева дека сите учесници ќе си земат обврска да ги испочитуваат протоколите за заштита на здравјето, а до граѓаните апелира да веруваат во институциите дека овој процес ќе се организира на најдобар можен безбеден начин за да можат да го остварат своето право на глас.

За денот на изборите, Дерковски уверува дека гласачки места ќе бидат во доволна квадратура за да може безбедно да се гласа, со прозорци што може да бидат цел ден отворени за проветрување на просторијата и да се обезбеди дистанца внатре меѓу учесниците во избирачкиот одбор, на набљудувачите на процесот и да се обезбеди ред. Просториите ќе бидат на приземје секаде, ќе се користат сите спортски сали и ходниците во училиштата.

Министерството за внатрешни работи вчера го доставило Избирачкиот список, што сега поминува во втора фаза на обработка.

ДИК пред донесувањето на мартовската Уредба на Владата за запирање на изборните дејствија и одлуката на политичките лидери за одложување на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април, ги потврди листите на 15 коалиции и партии со 1.598 кандидати, а го утврди и изгледот на гласачкото ливче.

Со свои кандидатски листи во сите шест изборни единици ќе учествуваат ДУИ, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и Беса, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ „Обнова на Македонија“, политичката партија ИНТЕГРА, „Никогаш северна, секогаш Македонија“, Демократи, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица и Работничката партија и ДПА.

СДУ, ГДУ и Глас за Македонија нема да учествуваат во „шестката“, односно поднесоа листи само за изборните единици 1, 2, 3, 4 и 5. „Твоја партија“ доставила кандидатски листи за изборите единици 1, 2 и 5.

Партиите и коалициите кои ќе учествуваат на изборите, своите програми ќе можат да ги преставуваат до 12 јули во 24 часот кога, според ревидираниот роковник на ДИК, завршува изборната кампања.

Гласањето на парламентарните избори ќе се одвива три дена, а на изборниот ден ќе биде продолжено за два часа и ќе трае од 19 до 21 часот.

На 13 јули ќе гласаат лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат.

На 14 јули 2020 година ќе гласаат немоќните и болните лица, како и хронично болните и останатите лица кои согласно Изборниот законик гласаат еден ден пред одржувањето на изборите.

На изборниот ден, на 15 јули, избирачките места ќе бидат отворени во 7 часот, а гласањето ќе трае до 21 часот, два часа подолго од вообичаеното на претходните избори кога гласачките места се затвораа во 19 часот.

Би можело да ве интересира

Следува уште една изборна година

Ана Ололовска

Усогласување на владината програма и распределба на кадри во преговорите меѓу СДСМ и ДУИ

Ана Ололовска

ВИДЕО: ВМРО-ДПМНЕ бара Антикорупциската да отвори случај за финансирање на изборната кампања на СДСМ

А1он

Уште пет дена за договор за нова влада

А1он

СДСМ: Продолжуваат разговорите за нова влада со полн четиригодишен мандат

А1он

СДСМ тврди дека преговара за Влада со стабилно мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ бара да ги кажат имињата на партиите

А1он