Пановски: Смртноста од „Фајзер“ е поголема отколку од „Астра зенека“

Од:

Проблемот со стопирањето на вакцинацијата со вакцината на „Астра зенека“ е смешен во однос на употребата на токсични дози антибиотици кај нас, смета микробиологот, професор доктор Никола Пановски. Според него, сосема очекувани биле нападите за вакцината на оваа компанија оти е единствена што не работи со профит.

„Оваа вакцина чини 4,5 долари, тоа е десет – единаесет пати помалку од останатите што се нудат и кај нас. Компанијата работи без профит и вакви напади се логични. Зошто граѓаните не се загрижат за смртноста од вакцината на ’Фајзер’ на пример? Зошто нема врева за оваа вакцина? Смртноста од ’Фајзер’ е поголема од смртноста од ’Астра зенека’. Од ’Фајзер’ има 1,5 смртен случај на 100.000, а од ’Астразенека’ еден случај на 100.000“, вели микробиологот Пановски.

Од ’Фајзер’ има 1,5 смртен случај на 100.000, а од ’Астра зенека’ еден случај на 100.000, вели микробиологот Пановски

И нему му е чудно ограничувањето со вакцината на „Астра зенека“ да се вакцинираат само лица над 60 години кое веќе се применува на вакциналните пунктови откако синоќа министерот за здравство Венко Филипче рече дека одлучиле да им веруваат на искуствата на Германија и Канада кои ја сопреа вакцинацијата на помлади лица со оваа вакцина. Германската комисија за вакцини вчера ја препорача оваа вакцина само за лица над 60 години, откако биле регистрирани 31 случај на мозочна тромбоза, за кои се верува дека се случиле по примање на вакцината, а девет случаи од нив завршиле со смрт, сите на возраст од 23 до 63 години. Вакцината на „Астра зенека“ ја примиле околу 2,7 милиони Германци. По вчерашната суспензија, денес германските здравствени власти јавија дека може да се вакцинираат и помлади лица, но по консултација со лекар. Вчера вакцината, од истите причини ја суспендираше и Канада за лицата под 55 години.

Микробиологот Пановски објаснува дека вакви забрани може да си дозволат земји кои имаат голем избор на вакцини.

„Лесно е Канада, која има резервирано 35 пати повеќе вакцини отколку што ` е потребно, да става вакви ограничувања. Имаат избор и можат, колку и да звучи грубо, да понудат поголема заштита на помладото население. И тоа што сега има само помлади лица кај кои се појавиле негативни ефекти не значи дека ќе ги нема и кај повозрасните. До пред извесен период со оваа вакцина се вакцинираа само лица до 65 години “, смета микробиологот Пановски.

Според него, невозможно е кај лицата до 60 години да има опасност од згрутчување на крвта, а кај повозрасните, кои имаат и полошо здравје, да нема таква опасност. И за ова, единствено објаснување е водење поголема грижа за помладата популација.

За вакцинираните во Србија, Пановски вели дека освен тоа што и една доза дава имунитет, не би требало да се појави проблем доколку примат втора доза од друг производител

„Јас ова можам да го објаснам само со еден пример од Израел, од времето кога имав увид во Фондот за здравство и искуствата во другите земји. Израел на помладите пациенти им вградуваше леќи кои чинат по 50 долари, а за повозрасните имаше леќи кои чинат два долари. Оправдување им беше тоа што не сакаат да трошат. Помладиот ќе ја носи леќата многу подолг период, па затоа му треба поквалитетна, а повозрасниот ќе ја носи покусо време, неколку години па затоа, за нив не треба да се троши непотребно. Сурово личи, но така функционираа“, објаснува Пановски.

Лицата кои примиле една доза од вакцината на „Астра зенека“ во Србија, Пановски вели дека не треба да се грижат дури и во случај да не можат да примат втора доза од истата вакцина. Освен тоа што и една доза дава имунитет, Пановски вели дека не би требало да се појави проблем доколку примат втора доза од друг производител. За нив советува да ги прочитаат искуствата на Британците со оваа вакцина, кои и покрај масовната вакцинација регистрираат сосема мали негативни ефекти.

Одлуката да не се дава вакцината на „Астра зенека“ на лица под 60 години кај нас ги вознемири не само лицата кои веќе ја примија во Србија, туку и повозрасните кои од денес веќе можат да ја примат. Министерот Венко Филипче денес извести  дека до пладне, на еден од пунктовите 20 отсто од лицата кои имале закажано термин не се појавиле.
Министерот, иако детално објаснуваше зошто ја суспендира вакцината за лица под 60 години, воопшто не даде објаснување зошто во овој случај не ги почитува ставовите на Светската здравствена организација и Европската агенција за лекови чие последно известување беше дека вакцината на „Астра зенека“ е безбедна и за возрасни лица.

Би можело да ве интересира

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

Вкупно 250 случаи на Ковид-19 во јули во државава

Би-Би-Си: Групна постапка против компанијата AstraZeneca поради „неисправна“ вакцина

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

A1on