Панихида и цвеќе на спомен-плочата за загинатите прилепски бранители кај Карпалак

Од:

Со полагање цвеќе и панихида денеска пред спомен-плочата беше одбележана 12-годишнината од загинувањето на 10-те прилепски припадници на АРМ во месноста Карпалак на автопатот Тетово – Скопје.

Панихидата ја отслужија двајца свештеници на тетовското архиерејско намесништво на МПЦ- ОА, а на одбележувањето присуствуваа министрите за транспорт и врски Миле Јанакиески и за здравство Никола Тодоров, заменик министерот за одбрана Емил Димитриев, делегација од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, Генералштабот на АРМ, роднини, пријатели и сограѓани на загинатите од Прилеп, како и претставници на политички партии, здруженија на бранители од Прилеп, Куманово, Скопје и Тетово.

Дел од семејствата на загинатите бранители побараа државата покрај плочата со имињата на загинатите да постави спомен обележје на ова место како своевиден знак за благодарност кон тие што загинале во нејзино име.

Претставниците на здруженијата на бранители уште еднаш побараа сите тие да се здружат под едно централно здружение со што полесно би ги оствариле правата на своите членови и нивните семејства.

– Државата помогна што можеше да помогне, но животите на овие малди луѓе нема да се вратат, рече Пецо Петрески, брат на загинатиот бранител Марко Деспотоски.

Вецо Секулоски, брат на Пецо Секуловски рече дека остануваат на барањето што поскоро во Карпалак да биде подигнат споменик на загинатите бранители од Прилепско.

Според возачот на автобусот кој бил дел од нападнатиот армиски конвој Ацо Јованоски Реган, жално е што и по толку време не е пронајдено решение за соодветно одбележување на местото од загинувањето на десетте прилепски резервисти со споменик наместо со спомен плоча со нивните имиња.

– Денеска по 12-ти пат се среќаваме на ова место и морам да повторам – обичен камен да се постави за да запалиме свеќа и да ги оставиме цвеќињата наместо тоа да го правиме на банкината. Преживеаните од Карпалак и семејствата на загинатите го чествуваат овој ден, но болката останува, изјави Андоновски.

Претставникот на здружението „Прилепски бранители“, Зоран Талески го поддржа барањето за поставување спомен обележје на ова место.

– Дојдовме да се поклониме на местото каде загинаа нашите соборци, сограѓани и пријатели. Ние од ова здружение имаме една желнба, а тоа е сите бранители да бидеме во едно здружение за да бидеме посилни со што ќе поставиме споменик на Карпалак, а и ние полесно ќе ги оствариме своите права, рече Талески.

Би можело да ве интересира

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

Во Прилеп денеска е ден на жалост поради трагичната смрт на трите медицински лица

Катерина Ѓуровски

Двајца лекари и ренген-технчар се жртвите во тешката сообраќајна несреќа кај Прилеп

Четворица повредени во сообраќајка во Прилеп

Еден тешко повреден во судар на автомобил и мопед во Прилеп

Две деца од Прилеп здобиле изгореници откако пламнал пожар во нивната куќа

Горан Наумовски