Пакомак: Системот за селектирање отпад не се спроведува доследно

Од:

Поголем број од компаниите не се грижат за својот отпад, а само неколку платиле глоба поради непочитување на Законот, смета компанијата „Пакомак“. Според нив, од 6 до 9 милиони евра годишно може да се слеваат во државниот буџет ако се казнат сите кои нема да се одлучат како ќе го третираат својот отпад.

– Системот за преработување, предвиден во законот, и по три години никако да почне да функционира. Повеќе од 3.000 фирми, загадувачи, се уште не се одлучиле која фирма ќе го зема нивниот отпад. Засега, фирмите, производители и увозници плаќаат за да се селектира само половината, околу 50.000 тони, иако законот им наложува јасна обврска. Остатокот од пластичните шишиња, лименки, стакло, одат на депонија, но голем дел остануваат во урбаните средини или, пак, ги загадуваат почвата, реките или езерата, соопшти „Пакомак“.

До 2020 година над 60 проценти од отпадната амбалажа мора да биде преработена и повторно употребена, а до 2030 година ќе се затворат сите депонии, предвидуваат европските регулативи. Во Македонија во 2013 година, само компанијата „Пакомак“ пратила на преработка 9.300 тони отпадна амбалажа. Граѓаните, а особено децата од основните училишта велат дека преку акциите на „Пакомак“ многу повеќе ги следат европските навики за примарна селекција, пред се на пластика и лименки, но и на хартија и стакло.

– Децата од основните училишта се најсовесните собирачи на отпадна амбалажа. Учениците, во кантите на „Пакомак“, лоцирани во училишните дворови годишно собираат до 40 тони пластика, а се фрла и хартија, лименки и стакло. Но, огромен дел од 100.000 тони отпадна амбалажа, која секоја година ја продуцираме во Македонија, завршува на депонија, велат од „Пакомак“.

– Досега се напишани само неколку казни, кои сериозно не ги загрозуваат оние кои не го почитуваат законот. Три од четирите колективни оператори со амбалаж, не вложуваат во својата дејност, но само една е казнета. Неколку илјади фирми не се грижат за својот отпад, но само неколку ја платиле законската глоба, посочуваат од „Пакомак“.

Директорот на Државниот инспекторат за животна средина Фирус Мемет вели дека е казнета една фирма бидејќи издала потврда дека платила специјализирана фирма за да се грижи за нејзиниот отпад, што во тој момент воопшто не постоела. – Казнети се и повеќе фирми кои на ниту еден начин не се грижат за отпадната амбалажа. Тие велат дека не им веруваат на колективните постапувачи и дека попрво ќе плаќаат казни отколку да го почитуваат законот, вели Мемет.

Оперативниот директор во „Пакомак“ Ико Брдароски истакнува дека Прилеп и Крушево се општини за пример, каде што тоа се поддржува од локалните власти и поради тоа има големи резултати.

„Пакомак“, освен селекција на отпад во училиштата, финансира и поставување тробојни канти во трговските центри, жичани контејнери за пластика и хартија низ населбите како и подземните контејнери во центарот на Скопје.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Од идната година во функција машината за конвертирање пластична амбалажа и лименки

Ана Ололовска

Твитерџиите викендов ќе прават елка од пластични шишиња во Скопје

Наум Локоски

Пакомак: Селектирањето на стаклениот амабалажен отпад е во пораст

Наум Локоски

Изработена мапа со маркирани локации каде може да се селектира стакло, хартија или пластика

Наум Локоски

Конкурсот „Отпад за уметност“ докажа дека креативноста нема граници

Емир Латифовиќ

31.9 % од Македонците го селектираат отпадот од амбалажа во нивното домаќинство

Емир Латифовиќ