Отворено писмо на НАкС до ректорот на УКИМ и Универзитетската изборна комисија

Од:

Независниот академски синдикат упати отворено писмо до ректорот на УКИМ и Универзитетската изборна комисија.

Писмото го пренесуваме интегрално

„Почитуван ректор, почитувани членови на Универзитетската изборна комисија,

Во изминатиов период во повеќе наврати ги изнесовме нашите аргументи во врска со противправните аспекти на отпочнатата постапка за избор на ректор и одржување избори за Сенат на УКИМ. Вчера поднесовме и претставка до ДПИ за овие прекршувања на Статутот на УКИМ. Покрај овие правни аспекти, искрено сметаме дека вака организираните избори сериозно ја нарушуваат демократичноста и легитимитетот на изборните процеси на УКИМ, бидејќи овие дејствија се преземаа во вонредна состојба во која живееме и работиме веќе неколку месеци.

Но, како одговорен синдикат, кому една од целите определени во членот 5 од Статутот е и „Заштитата при работата и водењето посебна грижа за здравјето и животот на вработените“, НАкС во овој момент чувствува потреба да ви ги предочи и потенцира здравствените ризици од одржувањето на изборите на УКИМ, во услови кога тоа не е неопходно. Сведоци сме дека пандемијата не само што не забавува, туку повторно зема замав во нашата држава. Само вчера имаше 89 новодијагностицирани, а за жал, седум го загубија својот живот во битката со заразата.

Затоа, потребно е академската заедница на дело да ја покаже својата зрелост и да ги спречи сите активности кои подразбираат непотребно организирање собири и непосредни контакти, со што се зголемува ризикот од ширење на заразата. Говоревме и претходно, а потсетуваме и сега – има и повеќе од доволно време бидејќи мандатот на ректорот трае до 1 октомври. Дополнително, со Уредбата на Владата за спроведување на Законот за високо образование во вонредна состојба се продолжува мандатот на ректорот и Сенатот на УКИМ, а нивниот избор може да отпочне по завршувањето на вонредната состојба. Одредбата е воспоставена со цел да се одржи функционалноста на универзитетите низ државата, притоа штитејќи го здравјето на членовите на академската заедница.

Доколку не ја испочитувате оваа уредба и продолжите со спроведување изборите на УКИМ, подготвени ли сте да го понесете товарот од евентуалното загрозување на здравјето на нашите колеги? Сте помислиле ли дека ваквите акции може да ја загрозат безбедноста на нашите студенти, на нашите семејства, а особено на оние кои припаѓаат на ризичните групи?

Во овие моменти, што е поважно – изведувањето брзи избори кои не се неопходни или, пак, здравјето и безбедноста на сите нас?

Ректоре на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, колеги, членови на Универзитетската изборна комисија, вие сте оние кои ги имаат механизмите да го спречат загрозувањето на здравјето на академската заедница на УКИМ. Изборот е едноставен. Во име на здравиот разум и хуманоста, бидете одговорни – донесете ја правилната одлука и стопирајте ги овие активности“, се вели во писмото на НАкС.

Би можело да ве интересира

Вработените на петте јавни универзитети на мирен протест побараа потпишување на колективен договор и изедначување со УКИМ

Горан Наумовски

Ристов: Непочитувањето на колективен договор на УКИМ е кршење на принципот на владеење на правото

НАкС: Потребно транспарентно финансирање, а не зголемување на студентската партиципација

Ќе се зголемува школарината за студентите: Предлогот за поскапување испратен до студентските собранија

Орце Костов

Професори од УКИМ бараат пријавата против ректорката Ангелова да биде приоритет за Антикорупциска

Катерина Ѓуровски

Професори од УКИМ поднесоа пријава до Антикорупциска против рекорката Биљана Ангелова