Самоил Малчески упати отворено писмено до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во кое го повикува да си поднесе оставка за да може партијата да се врати на, како што пишува, победничките патеки.
„Иако веќе имав донесено одлука дека престојниот период нема да настапувам јавно, сепак не можам да останам нем на последните анкети со кои се испитува јавното мислење во пресрет на Локалните избори. Се разбира тука не мислам на смешните анкетите на непостоечкиот така наречен институтот Павел Шатев.
Како што меѓу првите јавно ти кажав дека партијата ја водиш во погрешен правец, така деновиве меѓу првите јавно ти кажувам дека ако анкетите во овој момент се вакви, тогаш на чело со тебе ВМРО-ДПМНЕ на престојните локални избори ќе доживее невиден дебакал. Од глава ќе ти се скрши тоа што систематски ги ништеше вистинските вмровци, додека ги наградуваше тупурковистите и останатите одпадоци прибрани од други партии, тоа што идеологијата ја замени со криминал, горда послушност и суров интерес. Од глава ќе ти се скрши тоа што во континуитет ги игнорираш укажувањата од базата и пробуваш да владееш со лаги и манипулации.
Никола доколку и мислиш добро на партијата време е истата да ја ослободиш од багажот кој го носиш ти и осомниченото раководство кое го предводиш. Никола време е да си поднесеш неотповиклива оставка на функцијата Претседател на ВМРО ДПМНЕ. Време е за нови луѓе кои пред се ќе ја вратат идеологијата како основен темел врз кој ќе делува партијата, ќе го поправат нејзиниот имиџ, а потоа ќе ги подобрат и односите со нашите пријатели од меѓународната заедница, а пред се нашите пријатели од САД и Европската народна парија. Твојата оставка ќе овозможи партијата во најбрз можен рок да се консолидира, да се модернизира и да се демократизира, а со самото тоа и да се врати на победнички патеки.
Многу често се повикуваше на делата на големите дејци на ВМРО, но очигледно во наплив на твојот порив да бидеш татко на нацијата многу малку си учел од нивните дела и нивните писма. Оттука, сакам да те потсетам на мислата на големиот војвода Даме Груев, која гласи “Доста е, подобро ужасен крај, отколку ужас без крај.”
За крај, не можам да кажам со почит, бидејќи одамна немам почит за твоето политичко дејствување, исполнето со лаги, манипулации и криминал“