Триесетина светски
Форумот, кој ќе трае до 2 октомври, е организиран од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија во соработка со МАНУ и Универзитетот „Бар Илан“ од Израел и Даан Центарот за ладино јазик и култура.
Според Горан Садикарио директор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, сефардската приказна е многу малку позната во светот и затоа поканиле голем број професори и историчари кои што се занимаваат со оваа проблематика да дојдат и да ги презентираат своите истражувања.
– Приказанта за македонските и балканските Евреи не е многу знајна така што ова ќе биде еден скок за македонската држава во која ќе се покаже дека мултиетничкото и мултиконфесионално општество егзистирало и сеуште егзистира во Македонија. Животот на Евреите во Македонија го оценуваме како и „башка“ и „барабар“, бидејќи ако живеете башка тоа е гетоизација, а ако живеете само барабар тоа доведува до неминовна асимилација. Меѓутоа, ако живеете и башка и барабар тоа е комплетна еманципација, рече Садикарио.
Тој подвлече дека она што е битно да се каже е дека во Македонија и на Балканот присуството на еврејската заедница датира уште пред 6. век од новата ера, а најстарата синагога надвор од Израел се наоѓа во Стоби, додека еврејските гробишта во Битола се едни од најстарите во Европа.
Конференцијата е поделена во 11 различни сесии и ќе бидат опфатени исто толку области на Евреите и нивното живеење и творење на овие простори, како медицината, јазикот, културата, холокаустот, спасувањето на Евреите итн. Бројноста на говорниците е резултат на големиот интерес за учество на оваа меѓународна конференција за Евреите, која прв пат се одржува во Македонија.
На конференцијата за сефардската историја, јазик и култура ќе говорат историчари и истражувачи од Шпанија, Полска, Португалија, Израел, Косово, Германија, Австрија и од БиХ.
Прогонот на Сефардските евреи од Шпанија започнува во 1492 гопдина за време на инквизицијата. Тие доаѓаат на Балканскиот Полуостров откако се прифатени од Султанот Бајазит, кој им дозволува да се населат на овие простори. Во тој период се востановуваат големи еврејски заедници во Солун, Битола, Пловдив, Софија, Дубровник, Белград и Сараево. Претходните Евреи кои живееле на овие простори се нарекувале романиоти, од времето на Римската империја, но подоцна тие ја преземаат сефардската култура и традиција.