Отпадни води од индустриски отпад во зелена и жолта боја, кои потекнуваат од фабриката Југохром и за кои се смета дека содржат канцероген шестовалентен хром, истекуваат во реката Вардар кај тетовското село Јегуновце.
Граѓаните и еколошките активисти деновиве на социјалните мрежи алармираат дека појавата на ваквите отпадни води е опасна за почвата и за водата со оглед на тоа дека се работи за материја која е загадувач и докажан предизвикувач на рак. Згора на тоа, загадената вода ги загрозува и подземните води на планината Жеден, во чие подножје се наоѓа селото. На само неколку километри, од другата страна на Жеден, се наоѓаат изворите во Рашче, од кои со вода се снабдува Скопје, предупредуваат активистите.
-Тоа е шестовалентен хром кој е многу опасен за здравјето на граѓаните и предизвикува рак. Треба да се решава и да се изврши медијација на почвата во Јегуновце ради големата количина хром во почвата која е опасна за земјоделството, за водата што се пие во Јегуновце и во Скопје. За неколку години ќе стигне до изворите на Рашче, таа течност што се појави на социјалните мрежи. Многу е опасно и требаше да се реагира многу одамна околу ова. Мислам дека со поголема внимание треба да се работи околу тоа, изјави денес Аријанит Џафери од еколошкото друштво Еко Герила.
Славко Стојчевски, технички директор на фабриката Југохром вели дека во процес на реконструкција е пречистителната станица за третман на отпадните води од индустрискиот отпад што се наоѓа во кругот на нивната фабрика.
-Депонијата со индустриски отпад е во надлежност на Министерството за животна средина и просторно планрање, покрај другите материјали кои биле таму е бихроматно платно кој во негова содржина има и шестовалентен хром. Години наназад има изградено пречистителна станица во кругот на фабриката која има за задача да ги прибере сите отпадни води кои се контаминирани да ги донесе во кругот на фабриката таму да ги пречисти и како чисти да ги пушти во река Бистрица и после во Вардар. Во моментот поради инвестициски зафати на пречистителна станицата истата не работи од 25 септември. Поради дотраеноста на одредени моменти се врши реконструкција на неа. Во најскоро време треба да биде завршена реконструкцијата, тендер има распишано МЖСПП и компании кои ќе го добијат тендерот треба да ја монтираат опремата и после тоа ќе функционира пречистителна станица и ќе се намалат овие води и безбедно пуштени во реката, изјави Стојчевски.
Според екологистите потребно е почвата поради загаденоста да подлежи на процес на медијација. Постојат неколу процеси на медијација, а земјата може да се ископа и замени со друга почва или пак да се прочисти со фиторемедиција, односно со помош на функцијата на одредени растенија.