Обвинителството ја отфрли кривичната пријава за земјиштето за барокна катна гаража кај „Аутомакедонија“ поднесена против поранешниот градоначалник на Општина Центар Владимир Тодоровиќ, против ексминистерот Миле Јанакиески и уште тројца за злоупотреба на службена положба и овластување при продажба на државно земјиште.
Од Обвинителството велат дека кривичната пријава била поднесена без да биде приложен ниту еден доказ како поткрепа на наводите поради што биле испитувани претставници на Општина Центар, претставник на Министерството за транспорт и врски, претставник на Државното правобранителство, претставник на банката од која бил земен кредит со залог на земјиштето, нотарот пред кој бил солемнизиран договорот, како и управителот на правното лице – купувач на земјишната парцела. Сите испитани лица беа задолжени да достават соодветна документација за поткрепа на изнесеното пред јавниот обвинител со цел да се утврди хронологијата и да се проучи постапувањето на пријавените во настанот.
Во текот на постапката, од Општина Центар доставиле и нови поднесоци и обраќања до Јавното обвинителство во кои се наведувале дека по преземањето на надлежноста за управување со градежното земјиште на подрачјето на општината биле констатирани повеќе нелогичности и било утврдено дека почетната цена за јавното наддавање била неправилно формирана, како и дека не бил земен предвид приговорот на вториот наддавач кој се жалел на дефект на интернет конекцијата за време на електронската аукција. Со оглед на тоа што поднесоците давале дополнителни наводи и други околности во предметот, јавниот обвинител презел и дополнителни истражни дејствија за утврдување на фактите, па испитал и двајца претставници од Комисијата која го спровела елекронското јавно наддавање во врска со формирањето на почетната цена и со приговорите на останатите учесници.
Во исто време, јавниот обвинител се обратил и до Министерството за транспорт и врски и побарал разјаснување на начинот на кој била формирана почетната цена на земјиштето, а во два наврати бил испитан и актуелниот градоначалник на Општина Центар.
„Врз основа на сите прибавени докази и утврдени факти и околности, надлежниот јавен обвинител оцени дека во дејствијата на пријавените не се содржани битните елементи на пријавеното кривично дело, ниту пак на друго кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност“, стои во соопштението од Обвинителството.
Во поглед на неисполнување на договорниот рок од страна на купувачот – фирмата Никофон ДООЕЛ да прибави одобрение за градба на предметниот објект во рок од 9 месеци од извршената солемнизација, јавниот обвинител оценил дека станува збор за настанат спор во врска со неисполнети договорни обврски за кои единствено во граѓанска постапка може да се утврдува дали рокот не бил испочитуван по вина на купувачот.
„Доколку купувачот не извршил солемнизација на Договорот во рок од 30 дена по неговото склучување, договорот предвидува заштита на отуѓувачот на земјиштето преку еднострано раскинување, при што 20% од вкупно постигнатата цена на земјиштето на електронското наддавање не му се враќаат на купувачот. Од прибавените докази во предметот недвосмислено се утврди дека ниту Министерството за транспорт и врски ниту Општина Центар, која ја презела надлежноста за градежното земјиште, не презеле дејствија за еднострано раскинување на договорот“, соопшти Обвинителството.
Утврдено е и дека почетната цена на јавното наддавање била заснована врз тогаш важечките прописи, односно врз важечката Уредба за висината на цената на градежното земјиште во сопственот на РМ и висината на посебните трошоци за спроведување на постапката.
Предмет на оценка била и околноста како е спроведена постапката на јавното наддавање, при што е утврдено дека сите законски и подзаконски предуслови за електронското јавно наддавање биле исполнети. Неизбраниот понудувач не презел никакви дејствија за поништување на јавното наддавање доколку сметал дека постоеле причини за тоа, ниту побарал управна заштита или инспекциска проверка на спроведената постапка.
Решението за отфрлање на кривичната пријава е доставено до Општина Центар, а оштетениот има право на жалба пред Вишото јавно обвинителство Скопје во рок од осум дена по приемот.