Повик до власта за повлекување на Законот за јазици во спротивно иницијатива за референдум. Тоа е ултиматумот кој денеска од протестот во Паркот „Жена борец“ во Скопје беше упатен од Светскиот македонски конгрес, Македонски манифест, здружението „Преродба“, Граѓанската иницијатива против Законот за употреба на јазиците предводена од отец Ивица Тодоров и здружението „Тврдокорни“.
Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес ги повика партиите да внимаваат како ќе гласаат за Законот за јазиците.
– Настаните од 27. април оставија трауми. Додека едни аплаудираа, други со насилство ја земаа власта, трети како колатерална штета завршија во Идризово. Денес се собравме за да ја браниме Македонија од предавниците, а утре ќе ни се приклучат и патриотските здруженија, рече Тодор Петров најавувајќи дека протестот ќе продолжи и во следните два дена.
Тој додаде дека законот за јазиците е неуставен и ја редефинира државноста, ја дестабилизира земјата и се злоупотребува пред изборите.
Од Светскиот македонски конгрес бараат Владата да го повлече законот, а доколку е донесен ќе барале од претседателот Ѓорге Иванов да не го потпише, во спротивно ќе собирале 150 илјади потписи за референдум.