Крстосницата кај влезот на Вевчани од денеска е целосно осветлена. Инвестиција од 1,5 милиони денари е на Јавното претпријатие за државни патишта. Осветлувањето е во должина од околу 350 метри и вклучува девет канделабри со висина од по 10 метри.
– Јавното претпријатие за државни патишта спроведувајќи ги владините политики за зголемување на безбедноста во сообраќајот, со осветлување на клучки и влезови од населени места продолжува и оваа година. Од почетокот на годината осветлени се влезовите во Штип и Прилеп, сега сме во Вевчани, но со истото темпо продолжуваме со влезовите во Скопје, Куманово, Гостивар,…, изјави директорот на ЈП за државни патишта Георгиевски, по пуштањето во употреба на осветлувањето.
Лани, како што информира, осветлени се над 20 километри поголеми клучки и влезови во градови, а од почетокот на оваа година осветлени се влезовите во Штип и Прилеп. Минатата година инвестиорани се над два милиони евра, а годинава околу 500.000 евра. Со истото темпо продолжуваме и во иднина, нагласи Георгиевски.
Осветлувањето на клучката, според градоначалникот на Вевчани Љупчо Угриноски, е многу важна не само за општина Вевчани, туку и за Дримколскиот крај, каде што живеат околу 25.000 жители. – Се зголеми безбедноста и сигурноста на граѓаните, кои патуваат. Тука има две меѓуградски автобуски постројки на регионалниот пат Струга – Дебар и луѓето се преместуваат од едно превозно средство во друго, кога одат и се враќаат од работа, изјави Угриноски.
За него е многу важно што во зимскиот период кога се стемнува во раните часови населението ќе има сигурност и безбедност.
– Со осветлувањето на клучката, изградбата на портата „Вевчани“ и со црквата, која е во градба, како и со изградбата на бензиската се отвораат можности за проширување на индустриската зона. Имаме земјиште за издавање и заинтересирани инвестироти. Се надевам дека ќе ги нема сообраќајните несреќи бидејќи ќе биде осветлено и побезбедно, нагласи Угриноски.
Јавното претпријатие за државни патишта преку проектот за осветлување на влезови во поголемите градови и на клучките ќе постави 197 канделабри во вкупна должина од 8,6 километри, за што ќе бидат инвестирани 31 милион денари.