Осум специјалистички одделенија во гевгелиската болница пред затворање

Од:

Поради немање нови специјалисти од областа на хирургијата, биохемијата, неврологијата, микробиологијата, ортопедијата, гинекологијата, кожно-венеричните болести и педијатријата во Општата болница во Гевгелија за година или две, со природниот одлив поради пензионирање на постојниот кадар, се заканува сериозен колапс, или затворање на овие специјалистички одделенија.

Веќе една година детското одделение го опслужува приватно лице со договор на дело и дежурства од страна на матичните лекари-педијатри. Но, тоа не е трајно решение за болницата и за нејзините најмлади пациенти.

На ваквите случувања укажува здравствениот синдикат при ЈЗУ „Општа болница“– Гевгелијаи советникот во Општинскиот совет,д-р Петар Апостолов, кој и самиот е хирург-специјалист, но веќе извесно време нема сериозна најава дека проблемот ќе биде решен.

–  За гевгелиската Болница со години наназад не се доделени нови специјализации. Минатата година беа ветени 23 специјализации, но, за жал, таквите најави не беа потврдени со објава на огласи за конкурс за специјализанти, ниту, пак, беше објавена во Службен весник соодветна таква одлука на Владата на РМ  или на Министерството за здравство. Сè се сведе само на предизборен политички маркетинг – изјавуваат од гевгелискиот здравствен синдикат.

–  Со ваквиот третман кон ЈЗУ „Општа болница“ – Гевгелија нема да има светла иднина, со тоа што од 45 извршители, намалена е бројката на 27 со тенденција и следните години таа бројка да се намали на 17-18 лица – изјавуваат од гевгелискиот здравствен синдикат.

Дури и болничкиот персонал со средно образование,кој волонтира веќе 18 години по ред за хонорар од 4.300 денари, без договор за неопределено вработување, а со целосна одговорност за својата работа, спроведени дежурства и други обврски, нема гаранции за постојано вработување.

Најавено е дека за новите вработувања во „Општа болница“– Гевгелија ќе се врши тестирање од страна на управата, а преку Министерството за здравство, без никаков приоритет за долгогодишните волонтери, кои овде поминале повеќе од половината работен век на еден човек.

Лекарската професија е сè помалку атрактивна за да се одлучи млад човек да се запише на медицински факултет и да побара работа во здравството, уште повеќе што е изложен на дополнителни тестирања, спроведувани од страна на некомпетентни лица, со една единствена намера – да се одберат партиските подобни лица, додаваат од синдикатот.

За оваа свое тврдење посочија дека во ноември месец минатата година за 280 извршени работни часови во месецот добиле плата од 11.000 денари, а за време на штрајкот во декември платата за извршени 300 работни часови им била намалена за 5-6.000 денари.

Општата болница во Гевгелија постои уште од 1945 година и опслужува регион со над 40.000 жители, а во неа функционираат 128 вработени од кои само 30-ина се доктори-специјалисти.

А.Д.

Би можело да ве интересира

Струмичанец им се заканувал на полицајци, а потоа искршил заштитно стакло

Времено отстранети двајца доктори од Детска клиника, за кои се води дисциплинска постапка за смртта на 14-месечното бебе

Предраг Петровиќ

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Градоначалник асфалтирал улица, сега е осомничен за две кривични дела

Горан Наумовски

Во Гевгелија синоќа пронајден починат маж без документи за идентификација

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ