Денеска се навршуваат 4 месеци од смртта на малата Тамара Димовска од Велес. Граѓанското движење „Протестирам“организира протестен марш од пристапот кон Владата на булевар „Св. Климент Охридски“ до Министерството за здравство на кој ќе побараат оставка и одговорност од министерот за здравство Никола Тодоров.
Протестот започнува во 18 часот.
„Тамара не доби можност за живот, зашто властите тоа не ѝ го дозволија, оставајќи ја да страда во лавиринтите на бирократијата и здравствената администрација. Оставките на двајцата, сега веќе поранешни директори на ФЗОМ, Маја Парнарџиева Змејкова и Џемали Мехази не се доволни. Најодговорен за смртта на Тамара е сѐ уште актуелниот министер за здравство, Никола Тодоров, кој вети дека ќе бидат платени сите трошоци за лекување и операција на Тамара, притоа излегувајќи од рамките на своите надлежности, а нам ни го одзеде правото да бидеме хумани и сами како граѓани да ги собереме потребните средства, зашто не верувавме дека некој може да биде толку суров и да излаже цел еден народ, за едно болно 9-годишно девојче, кое бара шанса за живот.
Ве повикуваме да ни се придружите на протестниот марш на 9 јуни во 18:00 од пристапот кон Владата на булевар Св. Климент Охридски до Министерството за здравство. Да им покажеме на властите дека не сме ја заборавиле Тамара, дека бараме правда за неа и дека нема да дозволиме убијци на деца да бидат на власт!
Да не ни се повтори Тамара! Никогаш повеќе! Да побараме уште погласно оставка и одговорност од Никола ТодорOFF! И да потсетиме дека каква било преодна влада со убијци на деца е неприфатлива“, стои во повикот за протест.