ВИДЕО: Основци, наставници и родители се обучуваат за заштита од интернетски ризици

Од:

Внимателно и одговорно користење на интернетот за најдобро да се искористат неговите придобивки е пораката од денешната еднодневна обука за сајбер-безбедност за ученици од основното образование, наставници и родители што ја организираат министерствата за информатичко општество и за образование и наука, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Фондацијата „Метаморфозис“.

Министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски изјави дека сајбер-безбедноста не е само технологија и компјутерски антивируси туку, рече, често тоа се најосновни правила за однесување онлајн.

-Затоа е многу важно на едно место да ги собереме децата, наставниците и родителите, за да добијат основен тренинг како да се заштитат во сајбер-просторот, кој го развивме со помош на фондацијата „Метаморфозис“. Како и во реалниот свет, и во сајбер-светот децата се предмет на напади и ризици, и основните правила на однесување што важат во реалниот свет, треба да важат и во сајбер-просторот. Затоа овие настани се многу важни, заради меѓусебното разбирање, размена на информации и координација, рече министерот Манчевски.

Планирано е во соработка со МОН овие активности да ги опфатат сите училишта. Министерот за образование Арбер Адеми истакна дека треба да се вклучат сите засегнати страни, а заложба е, како што рече, националниот образовен систем да се надградува и од аспект на безбедноста на интернет.

-Имајќи предвид дека можеме да дојдеме до ситуации на злоупотреба на личните податоци и други немили ситуации при употреба на интернетот, која сите знаеме дека е неопходна – и за образовни и за други цели. Треба да водиме сметка за правилниот начин на негова употреба. За тоа ни треба соодветна и правилна едукација и во наставните програми. Имаме посебни предмети поврзани со работа со компјутери и основи на програмирање, но имаме и содржини посветени на темата за која денес е организирана обуката, рече Адеми.

Амбасадорот на ОБСЕ во земјава Клеменс Која на отворањето на обуката истакна дека треба да се направи уште повеќе за, како што рече, сите членови на општеството да станат компјутерски писмени. Драго му е што се комплементарни во напорот за справување со заканите на интернет.

– Меѓу нив се сајбер-булингот и т.н. фишинг со кој можат да се украдат пари и слични ризици. Ние ги прифаќаме опциите за „колачиња“, но потоа забораваме дека нашите податоци се користат во сите социјални платформи… Ја поддржуваме Северна Македонија во изготвување информатичка методологија за проценка на ризик за компјутерска безбедност. Со овој настан се обидуваме да ја подигнеме вашата свест и да ве обучиме вас, учениците, наставниците и родителите, за тоа како да го направите користењето ан интернетот посигурно. Како да комуницирам преку интернет, како да проверам со кого разговарам, дали моите лозинки се безбедни, кои информации и кому можам да ги дадам, кому можам да му верувам, како родителот може да се осигури дека децата не му се малтретирани преку интернет и дали пребаруваат безбедни веб-страници. Се надевам дека на овие прашања ќе им бидат дадени одговори во текот на денешната обука, рече Која.

Директорот на фондацијата „Метаморфозис“ Бардил Јашари истакна дека сајбер-безбедноста е една од клучните теми со кои се занимаваат од основањето. Според него, инклузивниот пристап со сите страни во општеството (министерствата, меѓународната заедница и невладиниот сектор) е најсоодветен за справување со сите закани и ризици што ги носат дигиталните технологии.

Би можело да ве интересира

Јаневска: МОН со закон ќе го официјализира дуалното образование

МОН: Над 1.000 асистенти во новата учебна година ќе бидат поддршка на учениците со попреченост

МОН: Од утре ќе се исплаќа неисплатената финансиска поддршка за основци и средношколци

МОН: Нов електронски дневник за работа на училиштата, по тестирањето ќе почне неговата официјална примена

Горан Наумовски

МОН со препорака за скратени часови и со насоки за заштита на учениците од високите температури

МОН: Наставата наместо во саботи ќе се надомести во работни денови