Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи во рамките на работната посета во Париз, оствари средба со Министерката за европски прашања при Министерството за Европа и надворешни на Франција, Натали Лоазо.
На средбата Вицепремиерот Османи и Министерката Лоазо разговараа за процесот на евроатлантските интеграции на земјава, како и за билатералната соработка меѓу двете земји.
Османи ја информираше Лоазо за текот на спроведувањето на Планот 3-6-9 и посочи дека имплементацијата на првиот дел од Планот – Делот 3 е при самиот крај, при што над 80% од мерките се веќе реализирани, додека на останатите 20% сѐ уште се работи. Тој додаде дека кредибилните локални избори претставуваат Круна на делот 3 од Планот 3-6-9, и со оглед на оценките кои за изборите од страна на ОБСЕ-ОДИХР, а кои беа потврдени и од Делегацијата на Европската Унија во Скопје, имавме фер услови за натпревар, мирен изборен ден, нешто што очекуваме да се повтори и во вториот круг во недела.
Османи посочи и на отстранувањето на бројните политички пречки кои ѝ стоеја на Република Македонија на патот на евроатлантските интеграции, како што е Договорот за добрососедство со Бугарија, новиот предлог закон за употреба на јазиците, како и отпочнувањето со мерките за градење доверба со Република Грција. Со тоа, истакна Османи, Владата и на дело ја потврди декларативната посветеност кон европските и евроатлантските интеграции, за што доби и јасна поддршка од граѓаните на изборите кои се во тек.
Вицепремиерот Османи изрази задоволство од досегашната поддршка од Франција за интеграција на земјава во ЕУ и НАТО, како и позитивната улога на земјата во интеграцијата на земјите од Западен Балкан. „Согласно успешното спроведување на обврските од страна на Република Македонија, очекувам и конкретни чекори од страна на Европската Унија, како и од земјите членки на унијата, кои би биле во насока на зацврстување на европските перспективи на Република Македонија и визибилност во напредокот кон ЕУ и НАТО“ – истакна Османи. Тој ги повтори амбициите на Владата, до крајот на годината, на декемврискиот Самит, да биде отстранета условеноста на препораката, натаму позитивен извештај и чиста препорака од страна на Комисијата во Април, наредната година, како и добивање на датум за почеток на преговорите до крајот на наредната година. За ова, Османи побара и конкретна поддршка од Франција во овој процес, како поддржувач на политиката на проширување на ЕУ, при што посочи дека очекува да ја искористи својата улога во системот на одлучување на Унијата за дополнително да се забрза одблокирањето на процесот.
Во рамките на посетата на Франција, Вицепремиерот Османи ќе оствари средби и со Емануел Ленан, советник во Кабинетот на Премиерот Филип, како и со Сабине Тилае, Претседател на Комисија за европски прашања во Националното собрание. При крајот на посетата, во агендата на Османи е предвидена средба и со Бертранд Соре, Претседател на Француско-Македонската група во Националното Собрание на Франција.