Османи: Овој парламентарен состав треба да ги заврши уставните измени

Од:

Овој парламентарен состав треба да ги заврши уставните измени, бидејќи во спротивно ќе останеме изолирани во наредните 10 години, а треба само да се потврди тоа што веќе го има во Уставот, порача министерот за надворешни работи Бујар Османи.

– Јас мислам дека овој парламентарен состав треба да ги заврши уставните измени заради многу причини. Прво, заради тоа што до ноември ако не се завршат преговорите прекинуваат со психолошки и административни последици. Второ, Албанија сигурно ќе го продолжи патот. Трето, со постигнатиот договор помеѓу Косово и Србија во Охрид сигурно ќе има нова забрзана патека за Западен Балкан, за да се наградат страните коишто беа конструктивни во разговорите. Тоа значи дека ние пак ќе останеме изолирани во наредните 10 години, за некаде во 2033 да седнеме и да ги направиме уставните измени, меѓутоа возот отишол, луѓето избегале во Германија да работат, надежта е убиена во земјата, а треба само да се потврди тоа што веќе го има во Уставот. Во категоријата други се и Бугарите, нема никаква разлика помеѓу именување и други и тоа е резултатот на овие преговори со Република Бугарија и тоа што успеавме да го направиме, посочува Османи.

Тој ги отфрли тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека уставните промени се прават под „бугарски диктат“, нагласувајќи дека станува збор за изнаоѓање начин заеднички да се излезе од дебатата од историски причини.

– Кога ги почнавме разговорите со Бугарија единствено прашање беше како дебата за историските интерпретации да се разгледа во европскиот процес. Ние не прифативме односите со Бугарија да ги диктираат историските интерпретации, туку на прашањето дека има бугарско малцинство овде кое што ги заслужува сите права како и сите други граѓани, ние немавме ништо спорно. Дури напротив, ние сме познати и препознати во светот по однос на индивидуалните и колективни права. Тоа е наш терен, таму ние играме најдобро и затоа топката ја префрливме од историските интерпретации во прашања на човекови права, на малцинствата, појаснува Османи.

Тој подвлече дека веќе кажал оти Бугарите се и сега во Уставот во категоријата „и други“, а тоа може да го потврди и Уставниот суд, кој вели, во таа категорија ќе ги наброи сите тие коишто се произлезени од пописот од минатата година.

– Правно-формално нема разлика помеѓу „и други“ и Бугари, Хрвати, Црногорци. Тоа е само потврдување на веќе постоечкото. Затоа треба полека дебатата од партиско-политичкиот интерес на опозицијата да дојде на власт, да се префрли кај граѓаните. На граѓаните да им се објасни за што станува збор. Значи, уставните измени се потврдување на веќе постоечко именување на сите етнички заедници во Преамбулата на нашиот Устав. Кога граѓаните ќе ја видат формулацијата на уставните амандмани верувајте ќе ги отфрлат сите овие тези на опозицијата која што на нивниот страв се обидува да изгради политичка кариера. Тоа не е чесно кон своите избирачи, тоа не е чесно кон своите граѓани. И затоа сум јас оптимист и затоа мислам дека Мицкоски на крај ќе излезе поразен затоа што кога граѓаните ќе ги видат формулациите ќе сфатат дека биле излажани, оцени Османи.

Во однос на преговарачката рамка тој наведе оти со примерот Србија-Косово се виде дека нема конспирација кон Северна Македонија од страна на ЕУ, бидејќи за Србија косовското прашање е поставено во посебно поглавје 35, а се додаваат и нови обврски согласно од Охридскиот договор од минатата недела, додека ние успеавме да спречиме да бидат внесени главните билатерални прашања коишто Бугарија посакуваше да ги има. Османи нагласи дека единствено што го има во рамката во нашиов случај е Акцискиот план за малцински прашања, којшто го имаше секоја друга држава кандидат во процесот и не само за бугарското малцинство туку генерален Акциски план за малцински прашања како дел од Копенхашките критериуми.

– Ако мислите на договорите, договорите се во член 5 и беа секогаш таму и пред почетокот на преговорите со Бугарија, додека се преговараше после Преспанскиот договор и се однесува на генералната перцепција за добрососедските односи, но ниту Договорот со Бугарија, ниту Протоколот не се дел од Патоказите каде што има бенч-маркови за исполнување на државата. Тоа е разликата помеѓу нашиот случај и случајот на Србија и Косово каде билатералните прашања се целосно вметнати како бенч-маркови во Поглавјето, вели Османи.

Би можело да ве интересира

МВР демантира дека во возило на МНР управувано од возач вработен во Министерството била пронајдена дрога

А1он

ЛДП: Уставните измени треба да бидат карта за влез во ЕУ, а не за политички пазарења

Порака од Германија: Сакаме да ја видиме Северна Македонија во ЕУ, сега е важно да се продолжи со уставните измени

МНР: Сиљановска Давкова да внимава на политичкиот дијалог со Грција

Орце Костов

Ахмети ја објави декларацијата потпишана со коалицијата „Вреди“за уставни измени

Предраг Петровиќ

Коалицијата „Менуваме“ бара лицата со попреченост да бидат дефинирани во Уставот

А1он