Не се отворените писма начин, но еве нека биде тоа почеток, напиша министерот за надворешни работи Бујар Османи на социјалните мрежи како одговор на отвореното писмо кое му го упати поранешниот пратеник во Собранието и член на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.
„Илија, не сум имал никогаш проблем да те разберам, иако ретко сум се согласувал со твоите ставови и мислења. Така е и овој пат – те разбирам ама не се согласувам ниту со начинот на кој ги делиш прашањата на „албански“ и „македонски“, наместо како што доликува, да ги третираме како заеднички предизвик на кој заеднички му пристапуваме.
За жал морам да почнам со деманти: ниту сме прифатиле со договорот од Преспа, ниту било кој може да прифати кои Македонци, каде и да живеат, какво им е етничкото потекло. Фактот што сме прифатиле во името на добрососедските односи, да не се мешаме во уредувањето на колективните права кај нашите соседи, не го менува фактот за тоа како се чувствува или како се изјаснува било кој Македонец на планетата земја. Напротив, еднаш засекогаш ја затворивме дилемата што значи зборот Македонец, и тоа веќе никој никогаш не може да го смени.
Неправедно е да ја вмешуваме историјата како да е дел од современите политички текови, наместо да им ја оставиме на историчарите да нѐ ослободат од историските митови кои ни ја заматуваат иднината. Тоа е добар начин да се ослободиме од овие стеги, за да ја затвориме расправата кој и што е Илија, кој и што е Бујар и каков јазик зборуваат.
Јас Илија, постојано барам дијалог затоа што имам потреба да разговараме за важни прашања:
За тоа како ќе обезбедиме заедно никогаш повеќе никој да не го спори македонскиот јазик, и како тој да стане официјален и службен јазик на Европската Унија, на Обединетите нации, на оваа организацијата со која од следната година претседаваме – ОБСЕ инт.
За тоа како ќе обезбедиме зборот Македонец да ја означува етничката припадност на нашите сограѓани Македонци, и никогаш повеќе никој, никаде да не може да го спори тоа
За тоа како ќе обезбедиме македонските ора, македонските села, македонскиот фолклор, македонската песна, македонскиот еп, да бидат дел од македонската етничка посебност, и никој никогаш никаде да не може да го спори тоа.
За тоа како ќе обезбедиме сето ова да не остане само во нашите глави, ами да стане дел од светската номенклатура и комуникација.
За тоа како ќе им обезбедиме на нашите сограѓани, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, европска иднина, и зошто тоа да не го направиме на ист начин и за оние наши сограѓани кои себе си се сметаат за Црногорци, Бугари и Хрвати.
За тоа како ќе го зачуваме, негуваме и промовираме нашиот автентичен модел на успешна мултиетничка демократија
За тоа како ќе обезбедиме европска перспектива, европски стандард и европски вредности овде дома, за сите нас.
Ова треба на маса да го зборуваме, но еве и пред да седнеме, да расчистиме со митовите и невистините кои за жал доминираат во јавниот дискурс а се поврзани со предлогот кој треба да го прифатиме.
Правата е за јазикот. Се тврди дека со предложената рамка, заклучоци итн…, македонскиот јазик на различни начини ќе биде загрозен.
А фактите се токму спротивното: И во рамката, и во предлог заклучоците и во сите документи, во моментот на старт на преговорите – македонскиот јазик станува официјален јазик на кој Европската Унија ќе комуницира, и тоа без никакви фусноти, ѕвездички, дообјаснувања, астерикси, без било што. Овој официјален јазик подоцна, со нашето членство во Унијата, станува чист службен јазик на Унијата, на ист начин како што се и Германскиот, Францускиот, па и Бугарскиот и сите други јазици. Значи Унијата ја усвојува рамката каде стои дека европското Аки (Acquis), европското законодавство, ќе се преведе на Македонски јазик без никаква додавка – и тоа станува затворено прашање за Унијата.
Наше е сега дали ќе се одлучиме да го затвориме прашањето за јазикот во ЕУ, еднаш засекогаш, или ќе го оставиме на менито на бугарските партии кои после следните избори ќе ни ги дефинираат правилата за влез во ЕУ
Втората е за рамката, и за некакво нејасно објаснување дека во оваа рамка се внесени билатералните прашања, билатералните договори, историските прашања итн.
Прво околу фамата за „билатерализација“. Добрососедските односи претставуваат еден од фундаментите на Унијата, и оттука не треба да нѐ чуди фактот што се тие дел од постулатите во голем број документи, извештаи, рамки кои Унијата ги изготвува. Како што во секој извештај на Европската комисија, секоја земја се оценува и по напредокот кој го остварува во добрососедските односи, исто така, повторно секоја земја која преговара, во преговарачката рамка има посебен дел каде на различен начин се спомнуваат добрососедските односи.
Не во оваа рамка, туку во секоја предлог рамка која било кога сме ја добиле како драфт – и оние кои сме ги прифаќале како добри, и они кои сме ги отфрлале како несоодветни – секогаш стоеле и Договорот од Преспа со Грција, и Договорот за пријателство со Бугарија, како репери по кои ќе се следи дали земјата остварува опипливи резултати. Нема ништо различно и овојпат, и сѐ што се шири по ова прашање претставува лага. Нема дополнителни услови, нема дополнителни обврски, нема нови документи како Протоколи, туку само цитирање на Двата договори како што тоа отсекогаш било така.
Трето е самиот почеток на преговорите и лагите дека се одложува стартот на преговорите, се одложува усвојувањето на рамката, сѐ се одложува за кога ќе се извршат промените во Уставот.
А фактичката состојба е следна: Со усвојување на заклучоците, се усвојува и содржината на рамката, пред почетокот на преговорите и одржување на Првата меѓувладина седница – и тоа се случува сега и веднаш! Преговарачката рамка се дефинира сега, се усвојува сега – и тоа е завршен процес!
По одржувањето на Првата меѓувладина седница, во полн капацитет го почнуваме процесот на скрининг, задолжителен процес кој го минуваат сите земји, и кој во просек трае една година. Нема одложување, нема застој, нема поместување, нема ништо – ги почнуваме преговорите онака како што сите претходно тоа го правеле, исто како што тоа ќе го направи и Албанија.
Тоа е сосема доволен период ние да ги завршиме и нашите уставни промени, обврски кои секако ги преземаме. Ако сме искрени дека немаме проблем да ги внесеме Хрватите, Бугарите и Црногорците како прифатени етнички заедници во земјава, тогаш не треба тоа да го одложуваме до бескрај. Имаме доволно време во овој период да си ги завршиме обврските и потоа, онака како што е предвидено за секоја земја, по завршувањето на скринигот да почнеме со отворање на кластерите и поглавјата“, напиша министерот Османи на социјалните мрежи.