Османи: Да се донесе законот за јавно обвинителство за да се зголемат шансите за преговори со ЕУ

Од:

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, денеска по неговата прва средба со новиот еврокомесар за проширување Оливер Вархеји, изјави дека е охрабрен и со поголема надеж оти е остварлива целта за почеток на преговорите за членство со ЕУ на пролет, но дека за тоа е потребно да се донесе законот за јавно обвинителство.

– Нема формална одлука на Советот во јуни 2018 и 2019 дека законот за јавно обвинителство е услов за започнување на преговори, меѓутоа очигледно земјите членки на ЕУ се многу сензитивни по ова прашање, така што независно што формално не стои како услов, мислам дека работата ќе се прекрши кај земјите членки со овој закон, односно ако се донесе, работата ќе се прекрши за сите да кажат да, изјави Османи по состанокот со Вархеји.

Османи ја искористи можноста да ги повика сите чинители во земјава да вложат напор за изнаоѓање консензус околу гласањето на овој закон.

– Тоа е двотретински закон, затоа ја користам оваа можност да ги повикам сите да најдеме начин да постигнеме консензус за ова прашање. Разговорите ќе почнат овие денови со сите чинители во општеството, рокот ни е до 11 февруари кога се распушта Собранието, потсети вицепремиерот.

Од студениот октомвриски туш на ЕУ за преговорите со Албанија и Северна Македонија, вицепремиерот вели дека е попретпазлив со прогнозите за датумот, но останува оптимист дека добивањето одлука за старт на преговорите е изводливо на пролет доколку биде донесе „овој критичен закон“, доколку изборите се одржат на беспрекорен начин и доколку се продолжи да се води „антикорупциска политика“.

Според Османи, до тогаш Европската Унија треба да ја изработи и својата нова „методологија“, која би требало да биде објавена кон крајот на јануари, но за која сѐ уште нема никакви детали во јавноста.

Ниту вицепремиерот не беше во можност да ги разјасни дилемите околу овој нов процес во подготовка, но на Вархеји му ги пренел стравовите на македонската Влада.

– Изразив два наши стравови. Тоа да важи за сите, да не се создаде Балкан со две брзини и консекутивноста на секторите, односно да не може да се отвори втор сектор, додека не се затвори претходен, бидејќи тоа може неограничено да го одложи процесот, изјави Османи.

Според него, еврокомесарот за проширување смета дека „оваа методологија дури ќе ги забрза и скрати преговорите и ќе ги направи покорисни за државите што преговараат и дури и земјите кои веќе преговараат ќе сакаат да важи за нив“. Но, останува и натаму сосема нејасно дали новата методологија ќе важи за земјите кои веќе преговараат – Србија и Црна Гора, знаејќи притоа дека и двете сметаат оти треба да бидат изземени од тој процес.

– Не можам да кажам дали ќе важи за нив, според Европската комисија оваа методологија ќе ги направи преговорите попродуктивни и побрзи, вели Османи.

Останува неизвесно и прашањето околу одвојувањето на Албанија и Северна Македонија, кое е проблематично за некои земји членки, како Холандија, кои сметаат дека Скопје е поподготвено од Тирана. Од друга страна пак, Франција освен што е против почетокот на преговорите за сега, се противи и на секакво одвојување, како што потврди и самиот француски претседател Емануел Макрон во Лондон.

За вицепремиерот Османи, важно е Европската комисија во координација со другите институции и земји членки да изнајде решение за ова прашање пред идниот самит на ЕУ во март, за да не се повтори октомвриското сценарио.

– Мислам дека тоа што е добро е дека ЕУ не го остава ова прашање на Самитот да се отвори, па повторно да се соочиме со истиот проблем, туку го третира тоа прашање од сега со сите земји членки, особено тие што имаат различни ставови за одвојувањето, за да може да се надмине ова прашање пред време, со тоа што доминира ставот дека треба двете земји да продолжат, тоа што е важно е дека ова прашање не смее да остане за самиот самит, мора од сега да почне да се разговара и да се најдат модалитети, вели вицепремиерот, предупредувајќи дека „има ризик повторно да не успее процесот поради различните ставови на земјите членки по однос на ова прашање“.

На средбата со новиот комесар, како што изјави Османи за МИА, станало збор и за Законот за јазици.

– Задоволен сум што ставот е дециден дека препораките треба да се имплементираат преку конкретни акциски планови со цел недостатокот на капацитети да не влијае на другите општествени приоритети, особено судството, туку да може да се надминат, и тоа е реално размислување кое и ние го споделуваме како Влада, изјави вицепремиерот Османи по средбата со еврокомесарот Вархеји во Брисел.

Би можело да ве интересира

Ниту една пријава до обвинителство за изборите – изборниот ден мина мирно

Анита Петровска Рајковиќ

Обвинителството чека извештај за претресите во Идризово, официјална потврда за ископаните тунели се уште нема

Татко ги терал децата да питачат, а парите ги трошел во казино – доби пријава

Анита Петровска Рајковиќ

(ВИДЕО) Обвинителството задоволно од пресудата во случајот со грабнувањето на Костадиновски

Орце Костов

Обвинителство: Институциите да се воздржат од споделување информации, убиецот на докторот од Железара не е откриен

Орце Костов

Притворените за убиството на лекарот ќе бидат пуштени – нема докази дека се извршители на делото

Анита Петровска Рајковиќ