Врховниот суд на Република Северна Македонија денеска на предлог на претседателката на судот, Беса Адеми, донесе измени на Деловникот за работа со кои се овозможува јавност на општите седници.
Како што информираат од Врховен, во новите измени на Деловникот за работа на Врховниот суд се пропишува дека општите седници на Врховниот суд се јавни, а јавноста во работата на Општата седница се обезбедува и со присуство на претставници на средствата за јавно информирање. Адеми, се вели во соопштението, на денешната Општа седница истакнала дека значењето на Врховниот суд од уставен и законски аспект, како и значењето на прашањата кои се разгледуваат пред Општата седница од правен аспект, а воедно се од интерес за граѓаните, ја наметнуваат потребата од јавност.
– Измените на Деловникот за работата на Врховниот суд се во согласност со темелните уставни вредности, законските начела и меѓународните принципи. Со предложените измени на Деловникот, ќе се даде значаен придонес за јакнење на јавната доверба и углед на судството и на Врховниот суд како највисок суд во државата. Со предложените измени се предвидува јавност во работата на Општата седница и остварување на јавноста во работењето на судот преку нормативна новина која ќе ја унапреди и соработката и комуникацијата на Врховниот суд на Република Северна Македонија со медиумската заедница и со пошироката заинтересирана јавност, образложи Адеми.
Од Врховен инфромираат дека, како што образложила Адеми предложените измени се засноваат на уставните и законските начела за јавност на судството, највисоките меѓународни правни норми интегрирани во домашното законодавство, принципите на Европската конвенција за заштита на човековите права и стандардите на Европскиот суд за човековите права, европските стандарди и меѓународните документи од областа на судството и заложбите и активностите на Советот за отворено судство.