Општина Струмица во наредните денови ќе започне со решавање на проблемот со кучињата скитници, а согласно Законот за заштита и благосостојба на животните со заловување и стручно третирање.
Кирил Парталов, секретар на општина Струмица, денеска, ги информираше граѓаните за начинот на кој ќе се реализира оваа активност, која е од особено значење за граѓаните.
– Денеска, согласно тендерската постапка, беше склучен договор за заловување и стручен третман на кучиња скитници и нерегистрирани кучиња на територијата на општина Струмица. Извршител на работите ќе биде фирмата ДТУ Ветеринарна клиника „Анри Вет“ од селото Стојаково, со која овие два три дена ќе се направи план и динамика за спроведување на оваа активност. Што значи, во наредните денови ќе почнат активностите во општина Струмица, а согласно Законот за заштита и благосостојба на животните.
За таа цел, сакаме да ги информираме граѓаните и воедно да ги повикаме, посебно оние граѓани кои што имаат домашни миленичиња, односно кучиња, а се необележани односно не се соодветно згрижени, истите да си ги згрижат, или соодветно да ги обележат, во спротивно, ниту Општината ниту извршителот на активноста нема да одговараат доколку се случи заловување на вакви кучиња и сите трошоци кои ќе бидат направени за заловувањето на кучињата ќе си ги сносат самите тие.
Исто така, ја користам оваа можност да ги повикам граѓаните активно да учествуваат во оваа активност преку пријавување на појавата на кучиња скитници на општинската служба „Систем 48“ и да вршат пријавување на бесплатната телефонска линија 0800-148-48. Терминот заловување или стручно третирање на кучињата значи нивно хуманитарно згрижување, почнувајќи од заловување кое ќе се врши по улиците на општина Струмица преку нивно вакцинирање, регистрирање, обележување и на крајот враќање на истиот терен на кој кучињата биле присутни, така што, граѓаните да знаат дека кучињата скитници ќе бидат обележани и пак ќе ни се вратат, преку хуманото третирање кое што е согласно Законот за благосостојба на животните и миленичињата – рече Парталов.