Министерството за образование и наука, после 9 месеци, му ги врати ингеренциите на градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари.
Раководителката на Секторот за јавни дејности, Аслиан Снопче, обвини дека по одземањето на ингеренциите биле назначени нови директори од страна на Министерството за образование, а со почетокот на новата учебна 2018/2019 година новоназначените директори на голем број наставници не им ги продолжиле договорите, иако сите биле професионалци во својата работа и ги исполнувале сите законски услови за работа.
„Од страна на наставниците но и родителите, добивме многу поплаки и поради тоа поведовме повеќе иницијативи за вршење на вондредни инспекциски надзори до Државниот просветен инспекторат и Државниот трудов инспекторат за што одржавме и неколку пресови на кои бевте присатни. Од наведените инспекторати добивме известувања од констатирани неправилности во училиштата со кои се потврдија нашите сомневања, а се однесуваат на следново: во сите училишта работат наставници без претходно добиена согласност од градоначалникот, во сите училишта работат наставници кои не се пријавени во АВРМ и ПИОМ и во сите училишта Дневниците ги водат наставници кои не се пријавени во АВРМ и ПИОМ“, рече Снопче.
Таа тврди дека некои директори на училишта објавиле огласи за јавна набавка за превоз на ученици спротивно на нивните надлежности, а некои директори, пак, објавиле огласи за вработување на наставници без согласност од градоначалникот спротивно на Законот за основно и средно образование.
„Ова се големи прекршувања на надлежностите од страна на директорите, а се разбира ние како Општина сме должни да ги превземеме сите законски мерки против директорите, а со цел отстранување на сите неправилности. Последниот случај на партизација на образованието во Гостивар е она што се случи вчера. Замислете не му го продолжија договорот за вработување на професорот Кимет Јусуфи – меѓунардоно признат професор. Со 50 научни трудови во разни меѓународни списанија за физика, каде што му го обеле лицето на цел Гостивар. Стручњак од прва класа. Тешко да се најде дури универзитетски професор во Македонија со толку богато научна биографија како што е професорот Кимет Јусуфи. Ако и во случајов се бара партиска книшка на ДУИ, тогаш навистина сме за жалење“, рече Снопче.