Општина Аеродром ги разгледа сите можни правни механизми за спречување на градбата пред „Мајчин дом“. Општината активно соработува со Уставниот суд, кадешто се доставени сите потребни документи во однос на ДУП И10, за кој се поднесени повеќе претставки. Уставниот суд до денес нема донесено никаква одлука за овој предмет, ниту го има ставено на мирување, ниту го има поништено ДУП И10, реагираат од Општината на тврдењата на Дејан Митевски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Аеродром, дека градоначалникот Златко Марин издал одобрение за градба.
Во меѓувреме, велат од таму, во Општина Аеродром е пристигнато барање за дозвола за градба на плацот пред „Мајчин дом“, кое Општината е законски обврзана да го процесира, согласно позитивните законски регулативи и параметрите на сè уште активниот ДУП И10.
„Урбанистичкото планирање е основата која го одредува квалитетот на животот во општината. Претходната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ подигна над 90 нови згради во Општина Аеродром, со повеќе од 10.000 станбени единици и донесе урбанистички планови кои предвидуваат уште градби во урбаното јадро на Аеродром. Согласно заложбите на новото раководство новите урбанитички планови се изработуваат со високи стандари за похумано живеење. Постапките ќе бидат транспарентни, јавните расправи однапред најавени и се надеваме на активно учество на граѓаните во креирање на општината“, се вели во реакцијата.